Средба Османи – Баздникин за случувањата во и околу Украина

27

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, на која, како што информираат, било разговарано за случувањата во и околу Украина.

На средбата, Османи, како што информираат од неговиот кабинет, повикал на деескалација на состојбите и изнаоѓање решение преку дијалог и дипломатски начин на комуникација, и го повторил ставот дека Северна Македонија го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во меѓународно признатите граници.

Османи, исто така, нагласил дека нашето членство во НАТО претставува значајно надворешно – политичко достигнување на земјава, што е израз на наша суверена одлука донесена едногласно во Собранието во 1993 година.

-Членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата претставува гаранција за нашата безбедност, а воедно придонесува и за пошироката регионална безбедност и сигурност. Дополни, дека НАТО е алијанса за колективна одбрана на земјите членки и не претставува закана за Руската Федерација или било која друга земја во светот, се вели во соооштението од МНР по средбата на Османи со Баздникин.

Министерот Османи, исто така, го реафирмирал повикот до Руската Федерација за отворен дијалог во рамки на Советот НАТО-Русија и во ОБСЕ со цел за унапредување на европската безбедност, што е од заеднички интерес за сите.

На средбата, се вели во соопштението од МНР, било дискутирано и за улогата на Северна Македонија како дел од ОБСЕ Тројката и идното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.