Средба на министерот Спасовски со еврокомесарот за внатрешни работи Аврамопулос

65

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше билатерална средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции на Европската комисија Димитрис Аврамопулос, кој утре ќе учествува во работниот дел од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан на министрите за внатрешни работи и за правда на земјите од регионот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски на средбата со еврокомесарот Аврамопулос се заблагодарил за укажаната доверба нашата земја да биде домаќин на овој значаен собир и ги соопштил активностите што Владата ги реализираше во изминатите две и пол години за придвижување на европската агенда на земјата.

– Спасовски потенцираше дека се решени непремостливи предизвици кои на сите им се чинеа како невозможна мисија и благодарение на силно изразената политичка волја и мотивираност пред нашата држава и граѓаните повторно стои извесната европска перспектива за полноправно наше асоцирање во ЕУ, соопшти МВР.

Министерот Спасовски ја нагласил и важната поддршка од пријателите членки на Европската Унија во процесот на евроинтегрирање.

Иако недобивањето датум за преговори за членство во ЕУ на последниот Европски совет, објективно претставуваше големо разочарување, сепак од страна на еврокомесарот Аврамопулос уште еднаш беше изразена силната поддршка и охрабрување да продолжиме кон остварување на полноправно членство на Република Северна Македонија во ЕУ, наведува МВР во соопштението.