Средба на амбасадорот Марковски со главниот уредник на весникот „Илинден“, Ѓурѓај  во Тирана

41

Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски имаше средба со Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник на весникот „Илинден“ и претседател на истоименото македонско друштво во Албанија.

„Имавме срдечна средба со амбасадорот Марковски. На средбата посебен акцент беше ставен на неодамнешното свечено одблежување на 10-годишнината од излегувањето од печат на првото издание на весникот „Илинден“. Имав чест и големо задоволство да му врачам врамен постер од одбележувањето“, изјави Ѓурѓај за МИА.

Од своја страна амбасадорот Марковски го честитал јубилејот, посакал уште многу јубилеи и ветил поддршка во рамки на надлежностите и можностите.

„Разменивме мислења околу тоа весникот да биде попрофесионален и секако неизбежно за положбата на Македонците. Исто така, го запознав и со активностите на друштвото кое со години е активен субјект меѓу македонската заедница во Албанија. Многу отворено и искрено разговаравме за можни активности кои би помогнале за надминување на проблемите на Македонците во Албанија на повеќе полиња“, вели Ѓурѓај.

Амбасадорот Марковски, додава тој, искажа подготвеност да помогне за подобрување и унапредување на малцинските права на Македонците во Албанија, во рамки на надлежностите.

„Со надеж дека амбасадорот Марковски сесрдно ќе помогне во подобрување на положбата на Македонците во Албанија, топло се заблагодарив за срдечната средба и посакав истите да бидат почести“, нагласува Ѓурѓај.