Средба меѓу директорите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и СОС Детско село

70

Во вторникот на покана на СОС Детско село, се одржа средба меѓу генералниот директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација, Душко Весковски и Националниот директор на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо, придружувани од претставници на координативните тела на двете институции, информираат од јавното претпријатие.

Оттаму доадаваат дека на средбата, обете страни го искажале задоволството од успешно реализираните благородни активности и истовремено биле дискутирани и планови за отпочнување и реализација на нови активности и продолжување на соработката.

По потпишување на Меморандумот за соработка во март оваа година, ЈП „Водовод и канализација“ пристапи кон спроведување на активности и проекти со кои ја поддржа иницијативата на СОС Детско село, „Стани СОС пријател”, донаторската кампања за индивидуално донаторство „Ниту едно дете не треба да расте само“, како и други активности кои се во знак на поддршка и ширење на мисијата на СОС Детско село.

-Ние сме почестени, среќни и навистина горди што безусловно пристапивме кон отпочнување на соработка со СОС Детско село и поддршка на нивната мисија, која сега е веќе и наша, а тоа е поддршка на деца и младинци без родители и без родителска грижа згрижени во СОС Детско село. Како прво јавно претпријатие кое стана дел од СОС семејството, ги повикуваме сите други општествено одговорни компании и индивидуалци да го следат нашиот пример, истакнал Весковски на завчерашната средба.

Тој упатил повик, секој од нас да стане суперхерој и да донира на линкот:  https://sos.org.mk/sos-superheroi