Фудбалскиот репрезентативец на Швајцарија кој е роден во Косово, Џердан Шаќири, денеска го игра клучниот натпревар за пласман во нокаут-фазата на Светското првенство во Катар, а за противник го има директниот ривал Србија.

Шаќири, низ историјата, на различни начини ги провоцирал Србите, па се очекува истото да се случи и денеска, иако од ФИФА и швајцарската фудбалска репрезентација излегоа со предупредување за какви било навреди меѓу двете селекции.

Сите се сеќаваме на случувањата во Русија, кога по постигнат гол за Швајцарците, Шаќири покажа „двоглав орел“, заедно со својот сонародник Гранит Џака.

Меѓу другото, додека даваше интервју за локалната телевизија, еден човек му пријде и му ја облече јакната на ОВК (Ослободителна војска на Косово), иако се знае за затегнатите односи меѓу двете земји. Од нивните реакции се чини дека се работи за провокација, како и многупати досега.

Ова не е прв инцидент во кој главен актер е актуелен фудбалер на Лион. Шаќири е докажан провокатор и ја користи секоја можност да ја испровоцира српската нација, конкретно фудбалерите на оваа селекција.

Но, српските медиуми деновиве пишуваа дека токму српски доктори интервенирале за тој да не остане со инвалидитет на ногата.

  • Мрази сè што е српско, а да не беа нашите доктори, Шаќири не само што немаше да игра фудбал туку немаше да има ни нормален живот – пишува српски „Курир“.

Имено, швајцарскиот репрезентативец е роден со деформитет на десното стапало, кој успешно бил излечен на белградската Универзитетска детска клиника во Тиршава.

  • Шаќири е роден со вроден деформитет на десното стапало. Стапалото му било свртено навнатре поради недостиг на простор во стомакот на мајка му. Веднаш по раѓањето, од Гњилане бил испратен во Врање, а потоа во Белград, Тиршова. Таму бил лечен од наш познат лекар, експерт за вакви деформитети – изјави своевремено за српски „Информер“ добро упатен извор.

Докторот потоа го применил таканаречениот метод Понсети за да се обиде да избегне ризична операција на стапалото.

  • Овој метод почна да се применува дури тогаш. Тоа подразбира носење корективни лангети од пет до осум недели. Подоцна се прават специјални чевли за детето, кои ги носи до три години – открил изворот.

Иако им должи сè на српските лекари, неблагодарниот Шаќири ја користи секоја пригода да ги испровоцира Србите.