Србија ќе воведе задолжителен ПЦР тест и 14-дневна изолација за странците

37

“Одлуката ќе биде донесена следните денови, и сѐ уште не е прецизирано за кои земји ќе се однесува мерката“, изјави епидемиологот Тиодоровиќ

Членот на српскиот кризен штаб, епидемиологот Бранислав Тиодоровиќ изјави дека Србија планира воведување на задолжителен ПЦР тест и 14-дневна изолација за странците кои доаѓаат во оваа земја.

Тој истакна дека на седница на Кризниот штаб, што ќе се одржи оваа недела, ќе биде прецизно на кои земји тоа ќе се однесува.

Според него, Србија сега има подобра епидемиолошка состојба од пред еден месец и тоа треба да го зачува.

„Ќе мораме да го сториме тоа, но само врз основа на согледување на епидемиолошката состојба во земјите околу нас. Нема многу дилеми за Бразил и Индија, но мора да имаме добра проценка за европските земји“, кажа Тиодоровиќ.

Тој оцени дека е важно да се одржат економските врски, прометот на луѓе и стоки, но мора да се води грижа и за епидемиолошката состојба. „Таа одлука ќе ја донесеме во наредните неколку дена. Веќе разговаравме за тоа, но не прецизиравме за кои земји ќе се однесува мерката“, кажа тој.

Според Тиодоровиќ за странците ќе се воведе мерка на задолжителен негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа, како и мерката изолација од 14 дена, затоа што Србија сега има подобра состојба што се однесува на заболените со ковид 19, отколку многу европски и светски земји.

„Во моментов сме отворени за целиот свет. Мора да внимаваме на Јужна Америка, дел од Азија, па дури и на САД. Мора јасно да кажеме за кои земји ќе се однесува задолжителниот тест и за кои земји ќе остане како и до сега. Тоа мора внимателно да се анализира“, заклучи тој.