Србија: Напукна асфалтот на новиот автопат Е-10 низ Грделичка клисура

153

Иако од отворањето на јужната траса на Коридорот 10 за Северна Македонија не поминаа ни три месеци, на делницата помеѓу Царичина долина и тунелот Манајле, напукна асфалтот.
Кон крајот на мај со музика и огномет, беше отворен Коридорот 10 за сообраќај, а српскиот претседател Александар Вучиќ тогаш кажа дека е отворена најтешката, но и најубавата делница од автопатот низ Србија.
Од Коридорите на Србија соопштија дека пукнатините се појавиле на површинскиот слој и дека проблемот ќе се реши во следните два дена, додавајќи дека автопатот е безбеден за сообраќај.
Српски медиуми потсетуваат дека изградбата на автопатот преку Грделичка клисура бил проследен со бројни проблеми – од постојан пробив на роковите, паѓање на косините, до промена на проектот.
-По отворањето, граѓаните се пожалија дека косините низ Грделичката клисура не се безбедни, а властите потоа рекоа дека тие не паднале, туку само така изгледа-објавија медиуми во Србија.
„Експертите оценија дека работите на Коридорот 10 доцнат поради слабата подготовка на работите и на проектната документација, нереалните ветувања дадени од политички причини, но и поради недостатокот на домашни градежни фирми кои ќе ја извршат оваа задача на најсоодветен начин”, наведуваат медиумите.