Србија воведе доживотен затвор за силувачите и убијците на деца

187

Српското собрание денес ги усвои измени и дополнувања на кривичниот закон со кои се воведува доживотна казна затвор без условно пуштање на слобода за силувачи и убијци на деца, трудници и немоќни лица. Тој дел од измените на законот е дел од иницијативата на Фондацијата „Тијана Јуриќ“, која со потписи ја поддржаа 160.000 граѓани.

Фондацијата ја основа Игор Јуриќ и тој ја почна иницијативата во знак на сеќавање на својата малолетна ќерка Тијана која беше сурово убиена. Пратениците присуството на Јуриќ го проследија со аплауз.

На гласањето не присуствуваше дел од опозицијата кои ја бојкотираат работата на Парламентот.

Со усвоените измени на кривичниот закон на Србија се укинува казната затвор од 30 до 40 години и наместо неа се воведува доживотна казна за најтешките кривични дела. Казната е предвидена за убиства на претставници на највисоките државни органи, тешки дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија, здружување за вршење кривични дела, геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства против цивилно население, воени злосторства против ранети и болни, тероризам.

За тие дела е предвидено осудениот на доживотен затвор да може условно да се пушти по одлежани 27 години затвор, но не и за убијците и силувачите на деца, трудници и премалени лица.