Срамота – волонтери од странство ни го чистат скопското Кале!

459

Наместо чиста тврдина од византиско време, посетителите добиваат лоша слика за едно од најпопуларните места во Скопје.

За подобрување на состојбата, дел од екологистите организираа акција за чистење на просторот. Меѓу нив беше и Катарна Вејо, волонтерка од Финска која не го криеше разочарувањето за состојбата во која се наоѓа Скопското Кале. Но верува, дека после ваквата акција, сликата ќе биде далеку почиста.

– Можеби ќе биде можно луѓето после ова да видат чистота и можеби нема толку да фрлаат ѓубре. Ме прави многу тажна, фрустрирана и мразам што луѓето мора да го прават тоа. Работата е тоа што загадувањето во Македонија е на многу повисоко ниво. Кога дојдов тука, имаше ѓубре буквално насекаде – истакна Катарна Вејо, волонтер.

Дека ништо не се променило од еколошки аспект на оваа тврдина вели и Марко Гапо од еколошкото движење „За почиста Македонија“. Како што вели, посетителите некогаш и немало каде да го фрлат ѓубрето.

– Ова ни е втора акција што ја правиме на Кале. Правевме пред година дена една и ситуацијата не е баш сменета. Исто го наоѓаме. Чуварите ни кажуваат дека кантите не ги празнат, луѓето не можат да фрлат ѓубре затоа што кантите се преполни – изјави Марко Гапо од „За почиста Македонија“. 

На денешната акција им се приклучи и посетителка од Бразил, која случајно ги забележала волонтерите и веднаш се фатила за работа. Акцијата следи по вчерашниот Ден на планетата Земја, а еко-активистите преку ваквите акции велат дека се трудат да го свртат вниманието на јавноста за значењето на зачувувањето на животната средина.