Светското првенство во ракомет ќе се одржи во Египет од 13 до 31 јануари следната година.

За прв пат на ова големо натпреварување ќе учествуваат 32 репрезентации, а меѓу нив нема да биде Македонија, која не доби вајлд-карта од страна на ИХФ.

Инаку, поради пандемијата на коронавирус германските клубови сè повеќе се жалат и сакаат првенството да биде откажано. Меѓутоа, нивниот предлог беше експресно отфрлен од Светската ракометна организација, а направен е и посебен протокол за ковид-19.

Комисијата за здравство на ИХФ одлучи сите учесници на Светското првенство по доаѓањето во Египет да имаат негативни тестови на коронавирус не постари од 48 часа по пристигнувањето во оваа африканска земја.

Исто така, учесниците ќе треба да се тестираат на секои 72 часа, а доколку се јави позитивен тест, ракометарот веднаш ќе биде испратен во карантин.

Планот е публиката да биде присутна на натпреварите и тоа од 25 до 30 проценти од капацитетот на арената. Секој присутен во арената ќе мора да носи маска и да ја почитува пропишаната социјална дистанца.