СПЦ одлучи да го обнови дијалогот со МПЦ-ОА

173

Решението на СПЦ за обновување на преговорите со МПЦ-ОА следува по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј да го отвори прашањето за решавање на конечниот статус на македонската црква. Медиумите во Србија потсетуваат и на неодамнешната изјава на рускиот патријарх Кирил дека Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на афтокефалноста и на Македонската православна црква

 

Одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј да го отвори прашањето за решавање на конечниот статус на македонската црква ја мобилизираше српската јавност и СПЦ која одлучи да го обнови дијалогот со МПЦ-ОА. Одлуката на Светиот синод на Цариградската патријаршија да го отвори ова прашање е врз основа на барањата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и на Владата на Република Северна Македонија за решавање на статусот, јавија српските медиуми. Српскиот весник „Политика“ пишува дека светиот архијерејски собор на СПЦ донел одлука да ги обнови преговорите за решавање на статусот на Македонската православна црква. Прашањето за МПЦ во средата било единствената тема на состанокот на највисокото црковно тело во Србија, пишува весникот повикувајќи се на свои извори во СПЦ.

Како што се наведува, СПЦ со спроведувањето на одлуката за продолжување на дијалогот со МПЦ ќе се занимава по заседанието на Соборот, Светиот архијерејски синод на СПЦ.

Неименуван извор за „Политика“ изјавил дека „српската црква не сакала да иницира обновување на дијалогот со Македонците се додека Јован Вранишковски бил во затвор“.

 -Тој, меѓутоа, е пуштен на слобода во 2015 година и учествува и на овој, како и на неколку претходни заседанија на Соборот на СПЦ, заедно со владиките на Православната охридска архиепископија, која је под закрила на српската црква, пишува Танјуг цитирајќи го белградскиот весник.

Вселенската патријаршија во соопштението по средбата не даде детали за разговорите за прашањето на МПЦ, но според верските аналитичари, самото ставање на оваа тема на дневен ред значи почнување на официјалната процедура за решавање на статусот на црквата во Македонија.

Во интервјуто дадено неодамна за српска „Политика“, вселенскиот патријарх посочи на разликата меѓу црковните спорови во Украина со оние што ги има Српската православна црква со црквите во Македонија и во Црна Гора. Медиумите во Србија потсетуваат и на неодамнешната изјава на рускиот патријарх Кирил дека Вселенската патријаршија може да го примени „украинското сценарио“ за признавање на афтокефалноста и на Македонската православна црква.