СПЦ одигра маестрален потег, а на Србија ѝ обезбеди да биде значаен политички лидер на Балканот!

Новинарот и верски аналитичар Марјан Николовски, ден по објавувањето на историската вест дека СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, вели дека одлуката на СПЦ е логичен чекор откако по 9 мај беше јасно дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе издаде Томос за автокефалност во Македонија. Тој вели дека со овој потег, СПЦ избра да биде конструктивен играч, кој ќе ѝ донесе политички поени на сопствената матична држава, а не да се противи на Вселенската патријаршија и во овие геополитички околности да бидат лошите момци и да и предизвика дополнителни политички проблеми на матичната држава Србија.

1004

Воскликот од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ кога српскиот патријарх обзнани дека Соборот едногласно прифати автокефалност за МПЦ-ОА, сè уште трае. Позитивни реакции и честитки пристигаат од секаде, а бугарски аналитичари коментираат дека и Бугарската православна црква ќе мора да ја признае македонската, како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има директно заедничко историско минато.

Црковниот аналитичар и историчар Горан Благоев, за БНТ, оценува дека речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од претензиите на Бугарија за името Охридска архиепископија.

-Во црквата, како и во политиката, работите не се случуваат секогаш како што сакаме, вели Благоев. Она што се случи со МПЦ, според него, е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај. Откако бугарскиот синод немаше ниту овластување ниту потенцијал да го стори тоа, работите природно дојдоа до она што се случи вчера – српскиот патријарх Порфириј во Скопје објави дека СПЦ и дава автокефалност МПЦ-ОА.

Пристапот и односот на Бугарија во однос на ова прашање, според него, треба да биде многу деликатен, бидејќи Софија веќе огорчила доволно луѓе во Македонија со болокадата на влезот на земјата во ЕУ.

Новинарот и верски аналитичар Марјан Николовски, ден по објавувањето на историската вест дека СПЦ, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА вели дека одлуката на СПЦ е логичен чекор откако по 9 мај беше јасно дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе издаде Томос за автокефалност во Македонија. Тој вели дека со овој потег, СПЦ избра да биде конструктивен играч, кој ќе ѝ донесе политички поени на сопствената матична држава, а не да се противи на Вселенската патријаршија и во овие геополитички околности да бидат лошите момци и да и предизвика дополнителни политички проблеми на матичната држава Србија.

-Со други зборови, СПЦ одигра маестрален потег, откажувајќи се од нешто што реално повеќе од 80 години не го поседува, а за возврат од креатор на конфликт, Србија сега ја игра улогата на креатор на единство и пријателство на Балканот, коментира Николовски. Тој додава дека на овој начин СПЦ индиректно ѝ дава аргумент на Руската црква дополнително да ја оспорува украинската автокефалност, трасирајќи пат како всушност треба да изгледа процес на општопризнат автокефален статус на нова црква. Но потсетува дека се лаже секој што мисли дека преку ноќ нешто ќе се смени во менталитетот на српските владици.

-Вистината е дека некој помогна да се смени политиката на Српската црква, но да не заборавиме, откако пропаднаа сите нејзини обиди да воспостави духовна власт во Македонија. Прашање е дали ако Вселенската патријаршија не се вмешаше, денеска ќе го имавме ова решение. Сега сè е во рацете на Вартоломеј и неговото перо за потпис на Томосот со кој конечно ќе биде возобновена древната Охридска архиепископија, но и нејзината претходничка Јустинијана Прима“ – смета Марјан Николовски.

Оваа теза, во интервју за грчка ЕРТ ја потврдува и вселенскиот патријарх Вартоломеј кој прашањето со шизмата многу години било во фокусот на Патријаршијата, дека делегации често доаѓале за консултации, како и барања од политичките раководства.

-Се обидовме да им помогнеме. Во некој момент го одредивме неговото блаженство архиепископот на Албанија, Анастасиос, да има медијаторска улога. Се обиде, отиде, се врати, разговараше со двете страни, не успеа поради реакциите, главно од страна на српската црква и официјално со писмо, во некој момент го врати мандатот. Но, обидите и молитвите на Вселенската патријаршија не беа прекинати, открива вселенскиот патријарх.

Посочи дека по „апелациското прибегнување (еклитон) на таа црква кон мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има ова неотуѓиво право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво“, била отстранета шизмата.

-Врз оснава на овој еклитон ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристиска заедница со нив. Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот „македонска црква“ и било каков изведен збор од зборот „Македонија“. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква, појасни вселенскиот патријарх.

Додаде дека историски момент е што шизмата, која траеше речиси шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши и влегуваме во нов период.

Признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ го поздрави и РПЦ.

– Признавањето на автокефалноста на црквата во Северна Македонија од страна на Српската православна црква е радосен настан, за кој се очекува да се разговара на следниот состанок на Светиот синод на Руската православна црква, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни односи на Московската патријаршија, протојереј Николај Балашов.

Српскиот патријарх Порфириј на обзнанувањето на веста од Соборниот храм изјави дека дека за оваа одлука ќе бидат известени сите помесни православни цркви според каконскиот ред со повик да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА.