Спуштена завесата на годинешното 46. издание на „Млад отворен театар“

32

Со претставите „Имагинарен, ти“ на Блерим Дарлишта и „Јовано, Јованке“ на Јована
Зајкова вчера заврши годинешното 46. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Млад отворен театар“. Поделен во два блока, во 14 дена публиката имаше можност да погледне театарски изведби во живо, односно физичко издание на фестивалот, со селективно одбрани театарски претстави кои го одбележуваат овој период на живеење.

„Со многу ентузијазам го направивме ова физичко издание на МОТ и не згрешивме.
МОТовската публика со уживање ја проследи меѓународната програма и независната
домашна театарска продукција, која беше прифатена со одушевување. Без
воздржувања констатиравме дека независната театарска продукција го обели образот
на македонскиот театар, и ги покажа своите потенцијали за развој, бидејќи билетите за
претставите беа продадени неколку дена однапред“, посочи Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар, којшто е организатор на МОТ.

Според МКЦ, и покрај ограничените капацитети во просторите каде се одвиваа претставите, според важечките протоколи за одржување настани, репертоарот на годинешниот МОТ го проследиле повеќе од 1.700 лица. Фестивалска програма беше составена од 26 претстави реализирани со поддршка од Министерство за култура и Град Скопје.