Спроведување на мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, управување со отпад, климатските промени…

74

Центарот за климатски промени (ЦКП) активно ќе ги следи преговорите на нашата земја со ЕУ за животната средина – поточно Поглавјето 27. Преку соработка на граѓанските организации активни во областа на животната средина треба да се  подготви и презентира извештај за сегашната состојба, предизвици и идни приоритети во областа на животната средина и климатските промени.

Имено, преку формирање на Платформата за следење на преговорите за Поглавјето 27 и подготвување на извештајот, граѓанскиот сектор настојува да има активно и конструктивно учество во преговорите и да биде партнер со јавните чинители, особено со Министерството за животна средина и просторно планирање. Ваквото партнерство треба да обезбеди транспарентност и вклученост на сите засегнати страни при утврдување на сегашната состојба и приоритетите во областа на животната средина и климатските промени.

– Во моментот Центарот за климатски промени го отвори повикот за приклучување на граѓанските организации кон Платформата за следење на Преговорите за Поглавје 27 (П27). Повикот е отворен за сите граѓански организации кои работат на полето на животната средина, одржливиот развој, енергијата и земјоделството, а ќе биде отворен до 30 ноември 2020 година – велат од ЦКП.  

Се очекува преку Платформата да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации да го следат процесот на преговарање со ЕУ и да се подобри нивната улога во процесот за приближување и подготовка за преговори со ЕУ за Поглавје 27.

– Воедно, со цел постигнување на целите и успешно функционирање на Платформата (П27), ќе се реализираат повеќе работилници за подигнување на знаењето на граѓанските организации за процесот на преговарање со ЕУ и барањата на ЕУ законодавството за Поглавјето 27, ќе се изработи комуникациска стратегија, методологија за начинот на учество и следење на преговорите од страна на невладиниот сектор, како и ќе се одржат неколку координативни состаноци со засегнати страни. Како резултат на спроведените активности се очекува во септември 2021 година да се  подготви извештај за позицијата на граѓанскиот сектор за следење на  преговорите за одделните под-поглавја во рамките на Поглавјето 27, кој ќе биде јавно презентиран пред засегнатите страни. Во текот на декември ќе се одржи и првата средба на граѓанските организации членки на мрежата со цел отпочнување со работа на Платформата 27 – потенцираат од ЦКП.

Во извештајот за напредок за 2019 година и 2020 година, Европската комисија нотира дека Република Северна Македонија е на одредено ниво на подготовка во Поглавјето 27. Постигнат е ограничен напредок во натамошно усогласување на политиките и законодавството со законодавството на ЕУ во клучните сектори.

– Спроведувањето и примената заостануваати во наредниот период земјата треба да се фокусира на спроведување на мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, управување со отпад, климатските промени и сл. Исто така, се забележува дека административниот капацитет на централно и локално ниво останува слаб и недоволен. Соработката со граѓанското општество е подобрена, но потребни се дополнителни напори за ефективно учество на јавноста и консултации во процесите на донесување одлуки – е наведено во извештајот за напредок и во 2019 и во 2020 година.