Сè почесто во Македонија се организираат турнири во футсал на кои младите фудбалери можат да го покажат талентот. Таков еден турнир „Железара 2021“ изминативе неколку дена се одржа во основното училиште „Григор Прличев, во скопската населба Железара, а до трофејот дојде екипата на Спорт Ефе, откако во финалето славеше над Њу Стар со 2:1.

На турнирот беа пријавени осум екипи со фудбалери до 11 години, а истиот беше организиран од „Железарец“, под покровителство на општина „Гази Баба“.

Според зборовите на претседателот на организацискиот одбор, Бранко Врангаловски, учество на ова натпреварување можеа да земат само тимови со активни фудбалери кои играат во младинските лиги на Македонија.

  • На овој турнир можеа да учествуваат само тимови со активни фудбалери во првенството на Македонија. Не станува збор за турнир на кои може секој да се пријави. Тука се е организирано за дечињата, истакна Врангаловски.

За најдобар голман беше прогласен Бојан Илиев (Спорт Ефе), најдобар стрелец  Војдан Дамчевски (Спорт Ефе), најкорисен играч е Андреј Шљупков (Њу Стар). Наградите и трофеите беа доделени од страна на градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Третото место го освои ФК Работнички со победата од 3:0 над ФК Аеродром.