Според УНИЦЕФ: „Децата, отпадот и смртта“ – најдобра фотографија за 2019

151

„Децата, отпадот и смртта“ е насловот на фотографијата на германскиот фотограф Хартмут Шварцбах, која според УНИЦЕФ, е прогласена за најдобра во 2019 година.

Таа прикажува деца кои со голи раце, во вода до колена, собираат ѓубре од пристаништето во населбата Тондо во Манила, Филипините. На тој начин наоѓаат предмети што можат да ги продадат и да заработат 90 центи на ден.

„Фотографијата раскажува за борбата за преживување на децата и отсликува три трагедии на нашето време: сиромаштија, загадување на животната средина и детска работа“, стои во образложението на УНИЦЕФ. Тондо е најголемото гето на сиромашните граѓани во Филипините, каде што 70.000 луѓе живеат на еден квадратен километар, во куќички без вода и електрична енергија, изложени на разни зарази.