Според Заев секој следен договор ќе биде за заштита на националните интереси, Мицкоски очекува измени во преговарачката рамка

66

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва нагласи дека секој договор што во иднина ќе го постигнат ќе биде заради пријателство и заемно разбирање со комплетна заштита на нашите национални интереси.

– Јас сум убеден дека договорот за пријателство со Бугарија за добрососедство, соработка секако ќе продуцира само договори за пријателство којшто ќе не прави со соседите да бидеме поблиски, да соработуваме поблиски. Докажавме дека го заштитивме македонскиот идентитет, македонскиот јазик и тоа не е спорно од никој. Премиерите на Бугарија, на Грција, поранешниот, сегашниот на Грција потврдуваат дека овде живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик, рече Заев во ТВ дуелот со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на МРТ.

Нашиот идентитет, додаде тој, е загарантиран и признат.

– Меѓународната политика, секако покажа дека може Република Северна Македонија да биде пријател со сите, да донесе паметни договори, мудри договори што ја однесоа земјава во НАТО, што овозможија после 15 години да добиеме почеток на преговори, еве ја имаме веќе и преговарачката рамка во која е испишано дека на македонски јазик ќе се преведе европското законодавство, нагласи Заев.

За Мицкоски добро е што Заев јавно кажал дека се уште немаме датум за почеток на преговори.

– Се сеќавате на неговиот настап уште летото 2019 година кога во Парламентот се обраќаше кон опозицијата и велеше дека сме добиле датум за преговори уште во јуни 2019, еве ние сме сега јули 2020, ние се уште немаме дата за преговори, туку напротив господинот Заев ни кажува дека очекува до крајот на оваа година откако ќе биде утврдена преговарачката рамка да ние добиеме датум кога ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, вели Мицкоски.

Оваа рамка, вели тој, додека да биде усвоена и биде во конечна верзија ќе претрпи измени.

– Треба да сте чесен и честит пред граѓаните и да ја кажете вистината и таа произлегува од канцеларијата на еврокомесарот Оливер Вархеј, човекот кој доаѓа од нашата сестринска партија ФИДЕШ, а ФИДЕШ е владејачката партија во Република Унгарија чијшто главен град е Будимпешта што вие многу пати во негативна конотација го споменувате. Добро е барем јавно да се заблагодарите на братска Унгарија за тоа што дава сестрана поддршка кон ВМРО-ДПМНЕ. Но, оваа рамка додека да биде усвоена и биде во конечна верзија ќе претрпи измени. Допрва ќе ги слушнеме мерките на нашиот источен сосед што благодарение на вашата апокалиптична политика нашиот македонски јазик го нарече западен дијалект на бугарскиот, нагласи Мицкоски.

Заев, пак, во контрареплика го повика Мицкоски да каже пред граѓаните дали ќе ги поништат договорите или не.

Ќе ги поништувате овие договори или не? Силјаноска вика тоа што е направено кога беше кандидат за претседател дека ќе го сочува, сега вика ќе поништува. Вие викате што е тука, дадено е. Кажете сега тука – кој е ставот? Рашомонијада е. Треба да кажете пред граѓаните, порача Заев.