Списанието „Синтези“ посветено на Славко Јаневски

62

По повод 100-годишнината од раѓањето на Славко Јаневски, творештвото на познатиот македонски автор е тема на новиот број на книжевното списание „Синтези“ што излегува во издание на „Дијалог“ од Скопје.

„Синтези“ објавува омаж за Славко Јаневски под наслов „Поетска вертикала на неспокојот“, во кој критичарот Веле Смилевски посочува дека „Јаневски е крупно име во современата македонска литература“.

„Како поет, романсиер, раскажувач, сценарист, патописец и публицист, тој создаде опус кој е цврсто вграден во развојните процеси на нашата книжевност во период од цели шест децении. Неговите творечки љубопитства и резултати означија еден од естетските врвови, чии вредности опстојуваат и се потврдени од судот на времето, за што сведочи и сегашното одбележување на 100-годишнината од раѓањето на писателот“, подвлекува Смилевски.

Во посебен оддел „Синтези“ донесува обемен избор од поезијата на Славко Јаневски под наслов „Сказание од искони“. Објавен е и фотопис со интересни фрагменти од животната и творечка врвица на Славко Јаневски, како и избор на дела од неговиот ликовен опус.

Во уводникот на „Синтези“ повторно се поставува прашањето – зошто Скопје нема улица со името на големиот македонски писател Славко Јаневски, роден во овој град? „Стогодишнината од раѓањето на писателот е убава можност да се исправи оваа грешка“, се вели во коментарот.

„Синтези“ објавува низа други поетски, прозни и критичко-есеистички прилози од домашни и од странски писатели од различни генерации. Во овој дел се застапени; Весна Ацевска, Кристина Домбровска, Борислав Павловски, Екатерина Јосифова, Димитар Башевски, Вилијам Голдинг, Глигор Чемерски, Влада Урошевиќ, Ристо Лазаров, Гордана Михаилова Бошнакоска, Љубомир Левчев, Филип Клетников, Паскал Гилевски, Мирослав Тодоровиќ, Елена Карпузовска, Фима Клетникова и Мелида Траванчиќ.