Бројни љубители на уметноста уживаа во ритамот и емоцијата на музичарите и на танчарите од шпанскиот фламенко балет „Луксуриа“, во одличната кореографија и перфектната изведба

Со спектакуларното шоу на фламенко балетот „Луксуриа“ од Шпанија, фестивалот „Охридско лето“, завчеравечер, во Античкиот театар во Охрид, го прослави својот 62. роденден. Бројни љубители на уметноста уживаа во ритамот и емоцијата на музичарите и на танчарите, во одличната кореографија и перфектната изведба, која беше наградена со громогласен аплауз.

„Луксуриа“, една од најспектакуларните фламенко продукции во светот, на публиката ѝ приреди незаборавна вечер донесувајќи на сцената свет исполнет со напнатост, интриги, љубов, страст, лојалност и трагедија, но и нови иновативни комбинации на традиционалното и модерното фламенко. Главни танчари, завчеравечер, беа светски познатите Давид Гутјерез и Паула Рејес.

Пред почетокот на концертот, директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, потсети и на сите оние што придонеле овој фестивал да го достигне високото реноме во светот.

– Огромна е почитта кон сите што ги вложија своите напори и направија летните фестивалски вечери, веќе 62 години, да бидат вистинско уживање за љубителите на високата уметност. Денеска ги славиме годините испишани со богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Денеска ја празнуваме уметноста – истакна директорката Поповиќ.

Амбасадорот на Кралството Шпанија, Хозе Луис Лозано Гарсија, по повод роденденот на „Охридско лето“, потсети дека овој фестивал е најпрестижниот меѓународен фестивал во земјава на кој откако е основан во 1961, па досега продефилирале реномирани уметници од целиот свет, меѓу кои и шпански.

– Амбасадата на Шпанија е подготвена да продолжи со зајакнување на одличните односи со пријателската земја С Македонија, зајакнување на културните односи меѓу нашите две земји и поконкретно со прекрасниот град Охрид“, посочи амбасадорот Хозе Луис Лозано Гарсија.

Порано дента беше пресечена и роденденската торта, а директорката Поповиќ истакна дека четврти август, денот кога започна „Охридско лето“, денот кога ѝ се поклонуваме на оперската дива Ана Липша-Тофовиќ, се слави со огромна возбуда, но и со одговорност, пред сѐ поради значењето и големината на оваа наша најголема музичко-сценска манифестација.

– Низ годините, тука, на фестивалската сцена, настапиле најзвучните имиња од светот на музиката и на театарот. Звуците на класичната музика во прекрасната „Света Софија“, грандиозните дела во неповторливиот Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави се само доказ дека во древниот Охрид повеќе од половина век се негува музичката и театарската совршеност – напомена Поповиќ.

Според селекторките на музичката и на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска и Сања Арсовска, досегашните концерти и театарски претстави на 62. издание донеле многу возбуда кај публиката токму поради својот квалитет.

Годинава, над 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста.

Викендов: „Дуо гитари“ од Црна Гора и пијанистот Лука Дебарг од Франција

Викендов, во црквата „Света Софија“, во рамките на „Охридско лето“, со почеток во 21 часот, ќе бидат одржани два атрактивни концерта. Првиот ќе се случи в сабота (6. август) и ќе настапи „Дуо гитари“ од Црна Гора, додека в недела концерт ќе одржи францускиот пијанист Лука Дебарг.

Црногорското „Дуо гитари“ го сочинуваат маестралните гитаристи Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ. Тие  настапуваат заедно на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет. Пред публиката ќе изведат дела на Бах, Пјацола и на Фаља.

Пијанистот Лука Дебарг, пак, посветува голем дел од своето време на компонирање и досега има напишано преку 20 дела за соло-пијано и за камерни состави. Тука е вклучено и делото „Орфеј за камерен оркестар“ напишано за пијано, тапани и гудачки оркестар и премиерно изведено од „Кремерата Балтика“. Лука редовно соработува со овој ансамбл, и во моментов работи на камерна опера која е порачка токму од овој состав. Тој ќе изведе дела на Моцарт, Шопен, Равел и на Лист.