Спасот за вакцина доаѓа од Кина 

Микробиологот д-р Никола Пановски неодамна во изјава за весникот ВЕЧЕР појасни дека кинеската вакцина „синофарм“, според досегашните резултати, покажала 80 отсто ефикасност. Тој смета дека кинеските вакцини се добра опција.- „Синофарм“ е класична кинеска вакцина со убиен вирус, а е одобрена во Кина, Египет, а милион вакцини нарачала и Србија. За другата кинеска вакцина „синовак“, авторизација дале Индонезија и Турција   

225

Кинеската амбасада во Скопје им обезбедила контакти на македонските власти од кинеските компании кои произведуваат вакцини. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, велат дека доколку е потребно, амбасадата е подготвена да ѝ помогне на Македонија во набавката на вакцини.

-Во однос на кинеските вакцини, Кина и Северна Македонија тесно соработуваа во борбата против епидемијата уште минатата година. Кина ѝ обезбеди на Северна Македонија официјални контакти со кинеските компании кои произведуваат вакцини и информираме дека Кинеската амбасада е подготвена да помогне во комуникацијата доколку е потребно, велат за весникот од кинеската амбасада во Скопје. 

Дека здравствените власти во земјава контактираат со кинеските производите на вакцини, деновиве потврди и министерот за здравство Венко Филипче. До крајот на неделава, според Филипче, ќе се знаат и деталите околу центата и испораката на вакцините. Разговарале за набавка на кинески вакцини против ковид-19 од производителите „Синовак“ и „Синофарм“.

„Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела ќе ги имаме сите овие детали. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е ‘Фајзер’, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што нè тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, вели Филипче.

Кина на 31 декември ја одобри нивната прва вакцина против коронавирус, која ја разви државната фармацевтска компанија „Синофарм“. Кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови , но Филипче во  интервју за емисијата „360 степени“, рече дека тоа не би требало да претставува проблем.

„Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји“, смета министерот.

Вакцината на кинеската компанија „Синофарм“ веќе почна да се дава во Србија и во Унгарија. Во Србија од 18 јануари почна вакцинацијата против ковид-19 со кинеската вакцина.

Микробиологот д-р Никола Пановски неодамна во изјава за весникот ВЕЧЕР појасни дека кинеската вакцина „синофарм“, според досегашните резултати, покажала 80 отсто ефикасност. Тој смета дека кинеските вакцини се добра опција.

– „Синофарм“ е класична кинеска вакцина со убиен вирус, а е одобрена во Кина, Египет, а милион вакцини нарачала и Србија. За другата кинеска вакцина „синовак“, авторизација дале Индонезија и Турција,смета Пановски.

И д-р Нико Беќаровски го поздрави почетокот на вакцинацијата со „синофарм“ во Србија. Тој на својот фејсбук-профил напиша:

„Старата добра вакцина пристигна во соседството. Втората кинеска вакцина „синофарм“, со која започна вакцинацијата во Србија е класична вакцина, направена од умртвен коронавирус. Успешноста на оваа вакцина е 80-86%. Втората руска вакцина исто така е синтетизирана од мртов корона вирус. (EpiVac), за која Русите тврдат дека е 100% ефикасна. Кинезите се на добар пат да создадат и вакцина од жив корона вирус! Јас уште вчера би ѕвонел во Пекинг и Москва, смета Беќаровски.

Кина вчера соопшти дека треба да се воспостават „зелени канали“ со цел испорака на вакцини да ја направат приоритетна.

Според кинеското министерство за транспорт, царинска служба треба да му даде приоритет при постапувањето во извозот на вакцините против ковид-19 и да го олесни нивното царинење.

Царината треба да ги постави како приоритет, процедурите за инспекција на превозниците вклучени во извозот на вакцини против ковид-19 и да го олесни царинењето на овие пратки, соопшти кинеското Министерство за транспорт во упатствата за логистика на вакцини против Ковид-19.

Во исто време, „Фајзер“ соопшти дека привремено ќе ги забави испораките за Европа, додека не го зголеми производството. Во петокот, и фирмата  „Астра Зенека“ соопшти дека првичните испораки за Европа ќе бидат намалени, поради проблеми со производството.                                                            (Ј.Ц.Г.)