Носителот на ИЕ2 од СДСМ и коалицијата „Можеме“, Оливер Спасовски и носителката на изборна листа во ИЕ2 Сања Лукаревска попладнево се на средби со граѓани на скопската општина Шуто Оризари.
Спасовски ги повика Ромите во целата држава да се обединат против оние кои, како што рече, играат мајтап со ромскиот јазик, “тегнеа за уши“, планираа “пиштење – вриштење“, “семејства во ендек“.
Спасовски нагласи дека по НАТО членството, следува отворање и на преговорите со ЕУ. Од европските фондови, информира, со тоа обезбедуваме 2,5 милијарди евра за државата, а тоа се повеќе пари за справување со здравствената ситуација, за новата развојна економија, за поголема социјална помош, за канализации, патишта, водоводи.
– Вие знаете колку пари насочивме кон граѓаните. Во Шуто Оризари, корисници на гарантиран месечен приход се 1.411 лица. Корисници на детски додаток се 572 лица. Корисници на образовен додаток за деца се 341 лице. Корисници на социјална пензија се 71 лице. Општо во државава социјалната помош ја зголемивме за 300 проценти. 26.636 домаќинства користат гарантиран минимален приход повисок во просек за 300 проценти. За 3,5 проценти го зголемивме опфатот на деца кои добиваат детски и образовен додаток. Над 33.000 деца во училишна возраст примаат по 1.000 денари месечно детски додаток. Воведовме образовен додаток за основци и средношколци од семејства во социјален ризик: 700 денари месечно за ученик во основно образование и 1.000 денари за средно образование. Воведовме социјалана пензија за граѓаните кои немаат никаква пензија. 6.747 луѓе земаат социјална пензија од 6.000 денари. Следува нова развојна економија, со повеќе инвестиции и можности за нови работни места, но мораме да продолжиме по патот на евроатланските интеграции по којшто тргнавме, порача Спасовски.
Тој истакна дека режимот на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, не е решение затоа што мисли само на себе, крадат, рушат се закануваат за државна помош, плати, пензии, граѓаните ги оставија во руини и во кал, додека тие крадеа за своите џебови и за нивната бела палата.
Потенцираше дека гласањето на 15 јули ќе биде со целосна заштита, со строго почитување на протоколите гласањето ќе биде сосема безбедно.
– Да излеземе на гласање, да не дозволиме обнова на режимот, да избереме сигурна иднина за сите. Да гласаме за број три и да си ја осигураме иднината, повика Спасовски на средбите во Шуто Оризари.
-Градиме комунална инфраструктура во сите населени места каде што живеат Роми, ја подобруваме и социјалната инфраструктура. Заедно ќе го решаваме и најгорливото прашање за ромската заедница, вработувањето, заедно ја подобруваме положбата на жената, социјална и економска сигурност, квалитетна здравствена заштита. Во следниот мандат на 40 проценти од извршните функции носители ќе бидат жени. Градиме едно општество за сите. На 15 јули гласајте и заокружете го бројот 3, ќе продолжиме напред само ако Ти така одлучиш и ако излезеш на твоето гласачко место кое ќе биде целосно безбедно, истакна Луакревска.