Спасовски од Оризари: Праќаме силна порака дека нема да дозволиме режимот да воскресне 

21

Овие локални избори се исклучително важни, но, не за политичките партии и за политичарите, туку за граѓаните, зашто се бира локална власт што ќе ги решава проблемите на граѓаните со кои се соочуваат секојдневно, што не се решени и не нудат развој, истакна потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски во обраќањето во Оризари во рамки на караванот „Најдоброто за мојата општина“.

Тој нагласи дека СДСМ во изминатите години покажа и докажа дека секој граѓанин е важен, дека државата е тука за граѓаните и за добро и за лошо, пет години го гради концептот „Едно општество за сите“, кој дава еднакви можности за сите, без оглед дали живеат во село или град, помала или поголема општина, обезбедува еднава шанса за секого.

– Во изминатите години дојде најголемата поддршка од централната власт до локалните самоуправи, вложиме над 500 милиони евра во локални проекти, реализиравме 7.000 проекти во сите општини во државата, рече Спасовски.

Додаде дека меѓу другото се изградени и реконструирани 1.040 километри патишта, 60 градинки, од кои 40 во рурални средини, 60 полициски станици.

– На овие избори треба да се избере „Најдоброто“, бидејќи СДСМ ги има најдобрите кадровски потенцијали, кои внимателно се одбрани, кои се одликуваат со чесност, одговорност, посветеност и упорност, истакна Спасовски.

Според него, кај ВМРО-ДПМНЕ не се менува ништо.

– ВМРО-ДПМНЕ во овие 4 години не се промени воопшто, тоа се истите луѓе кои се левата и десната рака на Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Јанакиевски, кои владееја со притисок, закани и уцени, истите луѓе што го инсталираа режимот и ја украдоа иднината на многу млади луѓе, рече Спасовски, додавајќи дека Мицкоски останал незрел политичар без капацитет, без став за ниту едно важно прашање во државата, што води во неизвесност и несигурност.

Тој нагласи дека со нив не се знае која е перспективата, а од друга страна СДСМ има јасна визија по кој пат треба државата да се движи.

– Од Оризари, кое беше симбол на пркосот, сега праќаме силна порака дека нема да дозволиме режимот да земе воздух и да воскреснува на овие избори, рече Спасовски.

Тој ги повика граѓаните во недела да го дадат својот глас за „Најдоброто“за бројот 12.

– Убеден сум дека овде и во Оризари и во Велес ќе победи најдоброто, Ненад Коциќ како градоначалник, кој ја има поддршката од претседателот Зоран Заев и од целата Владата, и советот преводен од Марјанчо Николов, бидејќи на градоначалникот му е потребен тим, порача потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски во своето обраќање во Оризари.