Спасовски: Македонија како членка на НАТО е фактор за стабилност во регионот

68

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во своето обраѓање на on-line дискусијата на тема „Глобалните закани и ризици и македонското членство во НАТО” рече дека му претставува посебна чест да биде дел од ова одбележување на 4 април, Денот на НАТО

-На 27 март, пред точно 7 дена, оригиналниот документ на ратификација од Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО беше предаден во Стејт Департментот на Америка со што нашата земја стана 30 земја членка на Алијансата.Затоа денеска го одбележуваме Денот на НАТО со посебна гордост. Со полно право, рече Спасовски
Република Северна Македонија како членка на НАТО, станува полноправен член на семејството на најмоќниот безбедносен и воен сојуз, и синоним за највисоките демократски вредности.
-Како дел од безбедносен штит на најмоќниот воен сојуз во светот, Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, извозник на безбедност, земја во која граѓаните и децата имаат сигурна иднина. Со право можеме да кажеме дека сме дел од глобалните процеси кои не ставаат во редот на сојузниците со кои заеднички ќе се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста, безбедноста, и за мирот. Македонските граѓани ја заслужија иднината што е пред нас. Денес НАТО го потврдува тоа, изјави премиерот
Тој рече дека малите земји тешко можат да влијаат врз политиките и одлучувањето на глобално ниво. Единствениот начин да се зголеми влијанието е преку интеграции во наднационални организации. Со зачленување во НАТО и со отворените преговори за членство во ЕУ, по принципот на „еднаков меѓу еднаквите“ и принципот на солидарност „сите за еден – еден за сите“, се стекнавме со можност за влијание и еднакво право во носење на одлуките во оваа организации.
– Економскиот раст зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност. Членството во НАТО обезбедува поголема безбедност што ја подобрува можноста на земјата да обезбеди политичка и економската стабилност.
– Во 2004 година при влезот на Естонија во НАТО растот на БДП во оваа земја изнесувал 6.2 отсто, а веќе следната 2005-та година пораснал на 9.3 отсто, а во 2006 се зголемил на 10.2 отсто.
– Во 2004 година при влезот на Латвија во НАТО растот на БДП во оваа земја изнесувал 8.3 отсто, а веќе следната 2005-та година пораснал на 10.6 отсто, а во 2006 се зголемил на 11.8 отсто.

– Во Естонија странските директни инвестиции се триплирале благодарение на позитивниот ефект врз економијата што го има членството на земјата во НАТО, од 968.5 милиони евра на 3.1 билиони евра странски инвестиции по зачленувањето во НАТО.

– И во нашата земја постигнавме рекордна вредност од 624 милиони евра на странските инвестиции во годината кога беше соопштено дека Северна Македонија го започнува процесот на ратификација на Протоколот за пристапување во членство во НАТО. Безбедноста и стабилноста на земјата се основа за економски раст и развој.
За само три години, Владата предводена од СДСМ успеа Северна Македонија од земја што генерираше кризи, да ја трансформира во земја што генерира безбедност. Немаме отворени проблеми со соседите. Ние сме единствени во регионот на Западен Балкан од таа перспектива.
Сите достигнувања на планот на остварување на нашето членство во НАТО и на нашиот пат за членство во ЕУ, ја направи нашата земја сигурен, доверлив партнер на сите наши сојузници.
Овој генерациски успех на нашата земја ја поттикна и ЕУ да ја поправи својата грешка во однос на нашето отпочнување на преговорите за членство.
Преговорите со ЕУ се одобрени и за сите нас дома тоа е поттик уште посилно да ги продолжиме нашите реформи и да си ја направиме земјата уште поубаво место за живеење.
Да ја одржиме мотивацијата и силната енергија што не крепеше на патот за членството во НАТО, со иста таква сила и во процесот за членство во ЕУ.
Гордоста што огромен дел од граѓаните ја чувствуваат овие денови, е мотивација да продолжиме со одлучност, посветеност и храброст и да го завршиме и нашиот пат до членство во ЕУ.
Веруваме дека членството во НАТО ќе помогне и во остварувањето на нашата втора стратешка цел, членство во ЕУ. Свесни сме дека постои блиска комплементарност и соработка меѓу двете организации. Ние ги споделуваме заедничките вредности и сакаме да придонесеме во развојот на таа соработка.
Во услови кога современиот свет се соочува со оваа сериозна хуманитарна криза, неопходни се заеднички мерки и градење капацитети. Северна Македонија е одлучна да придонесе за заеднички пристап во соработката со нашите НАТО партнери, и со институциите и агенциите на Европската Унија, во справувањето со заканите од короната.
Заедно ќе направиме сè што треба за да го вратиме безбедното секојдневие на граѓаните од нашата земја, и да учествуваме во тоа за граѓаните од регионот и од Европа.
Ќе ја вратиме состојбата на просперитетни, безбедни, мирни и слободни општества. Тоа се вредности на земјите членки на НАТО и на Европската Унија.
Нема да дозволиме да бидат доведени во прашање пред ниту една закана.