Спасовски: Во наредните недели се очекува од 2.000 до 2.500 заразени од коронавирус

260

Светот се бори со невиден непријател. Вирусот не познава граници и не бира кој ќе нападне. Светот брои 1,2 милиони заболени и повеќе од 70.000 починати. Ние навреме го вклучивме алармот и постепено воведовме мерки и во првата фаза успеавме да го амортизираме уредот. Мерките ги носевме етапно по препорака на Комисијата за заразни болести. Следејќи ги искуствата на другите земји очекувавме дека ќе влеземе во фаза кога епидемијата ќе го промени својот тек. Секој од нас би сакал да знае кога се ова ќе заврши. Но, тоа никој не го знае, рече Спасовски и им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките.

-Ние како земја го немаме поминато најлошото. Наредните две недели ќе го достигнеме пикот. Но, подобро да се подготвуваме за повеќе, а да имаме помалку. Донесовме одлука за продолжување на полицискиот час. Се очекува да достигнеме бројка од 2.000 до 2.500 заболени. Се забранува движење на сите граѓани од 16 до 05 часот наредниот ден, а за викендот 24 часа. Се забранува движењето на јавни површини повеќе од две лица. Донесувањето на овие мерки е заштита на здравјето на секој граѓанин, истакна техничкиот премиер.

Спасовски ги потврди нформациите дека полицискиот час од понеделник до петок ќе биде од 16 до 05 часот, а за викенд 24 часа, порестриктивни мерки добиваат и младите до 18 години и старите над 67 години.

Младите до 18 години имаат целосна забрана, освен од понеделник до петок од 13 до 15 часот, додека тие над 67 од понеделник до петок од 10 до 12 часот.

Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

фото: Н. Батев