Спасиќ го откажа учеството на Светскиот куп во Франција

818

Сè почесто финансиските средства се главен проблем околу настапите на македонските спортисти. Со таков сериозен проблем овој пат се соочи најдобриот македонски кајакар Љубомир Спасиќ, кој моментно се наоѓа во Франција, каде што ќе се одржи Светскиот куп во кајак.

Поради финансиски проблеми нема да можам да настапам на еден од најзначајните натпреварувања кога во прашање е кајакот, изјави најдобриот македонски кајакар за дневниот весник ВЕЧЕР

Во немоќ да најде финансиски средства, Спасиќ е оневозможен да настапи на натпреварите од Светскиот куп кои се на програмата овој викенд.

– Поради финансиски проблеми нема да можам да настапам на еден од најзначајните натпреварувања кога во прашање е кајакот, изјави Спасиќ за дневниот весник ВЕЧЕР.

Претходно, Спасиќ во Шпанија се пласираше во четвртото коло од вкупно шест од европските купови, каде на оваа иста патека во септември ќе се одржи и Светското првенство во кајак на диви води во слалом и спринт. Во ова коло, во неговата дисциплина, учество земаа 44 натпреварувачи каде што македонскиот кајакар успеа да се пласира на 24. место во второто возење, односно 29. место во генералниот пласман. На овој натпревар како и во претходните три кола, од кои првото коло се одржа во Македонија, а останатите две во Словенија и Германија, тој замина со лични финансиски средства и без поддршка, но и покрај тоа успеа да остане и да биде водечки на Европската ранг-листа за 2019 година. Љубомир постојано се пласираше во финалните возења сè со цел да ја оствари целта, а тоа е пласман на првото место на европската ранг-листа, на која моментално само теоретски може да биде полошо рангиран со оглед дека остануваат уште два натпревари, односно еден во Италија и финалниот во Чешка. За овие два натпревари потребни се околу 2.000 до 3.000 евра во зависност од тоа дали ќе патува со сопствено возило или со други федерации со кои Кајакарската федерација на Македонија има соработка. (К.Т)