Со 40 рибочувари и нов глисер поефикасно ќе се чува рибниот фонд во езерото

145

Треба да се зајакне капацитетот на инспекторатот бидејќи на Охридското Езеро му е потребна поефикасна служба за контрола на изловот на рибата. Инспекторската служба со зајакнат капацитет во координирана активност со полицијата и концесионерот ќе придонесат за поголема заштита на рибата во езерото. Ова беше заклучокот по средбата на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ со претставници на Хидробиолошкиот завод и новиот концесионер на Охридското Езеро.

Концесионерот – фирмата „Летница Белвица“, на средбата рече дека моментално располага со 12 рибочувари со план за зголемување на нивниот број на 40 рибари, како и обезбеден глисер за контрола на езерото.

– Во тек е постапка за набавка и на глисер за потребите на Државниот инспекторат. Важно е да се вработат уште неколку инспектори имајќи предвид дека со два глисери и повеќе рибочувари ќе се подобри физичката заштита на рибниот фонд во езерото – рече Шапуриќ.

За намалениот рибен фонд во езерото придонесува и слабата контрола на изловот на риба од албанската страна, како и климатските промени.

 

– Хидробиолошкиот завод заедно со концесионерот треба да спроведуваат истражувања за запирање на негативниот прираст на риба во езерото, а истовремено и да спроведуваат активности за конкретна физичка заштита на рибата и спречување на рибокрадството. Секако, тука е важна и соработката со соодветните институции и субјекти од другата страна на езерото – истакна Шапуриќ.

Концесионерот „Летница Белвица“ го доби езерото на користење со изменета риболовна основа. Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, намалени се количините на дозволен улов на охридска белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за охридската пастрмка, белвицата и крапот.