Со 3.000 евра ќе се мотивираат жените земјоделки да започнат свој бизнис

181

Жените носители на земјоделски стопанства ќе можат да аплицираат за добивање на грант од 3.000 евра, пари кои ќе можат да го искористат за преработка и доработка на земјоделските производи, за опрема за постбербени активности, како и за отворање на свој бизниси.

-Корисници на оваа мерка можат да бидат земјоделски стопанства чии носител е жена и кои се запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ. Ова мерка е наменета за проекти кои се однесуваат на доработка, преработка на земјоделски производи од сите земјоделски гранки. Преку оваа мерка ќе може да се набави и опрема за постбербени активности, за преработка на фарма и за директен маркетинг на фарма, а преку оваа мерка се промовира и директна продажба од рака, истакна министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Според него, целта на оваа мерка е да ја подобриме економската состојба на жените, да се зголеми бројот на регистрирани жени земјоделски и да придонесеме за вреднување на нивниот труд. Со оваа мерка, како што рече исто така ќе дојде до израз квалитетот и идентитетот на производите кои ги произведуваат жените земјоделки.

Според директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, оваа мерка е создадена за сите жени кои сакаат да создаваат свои бизниси во руралните средини.

-Прифатлива инвестиција е и набавка на опрема за ладење и замрзнување, сечење, конзервирање, сушење и етикетирање на производи, опрема за мерење и квалитет, за манипулација, утовар и истовар, за подобрување на стандардите за благосостојба на животните, рече Бабовски.

Според податоците од единствениот регистар на земјоделци од вкупно 170.000 земјоделци само 20 отсто се жени. Крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 26 декември 2019. (А.С.)