Интервју со директорот на ЈП ПОЦ, Васко Кичевски: Со 1.500 камери ќе се зголемува безбедноста на паркинзите

958

– Камерите ќе бидат мрежно поврзани и ќе имаат уште една дополнителна функција, а тоа е препознавање на регистерски таблички и автоматска наплата на отворените и затворените паркиралишта. Треба да се напомене дека се работи за долготраен проект за кој ќе бидат потребни 3 до 4 години за целосно опслужување на целата територија на општина Центар. Почетокот на реализацијата на проектот за поставување на камери е планиран за втората половина на годинава, а ќе се стартува од Дебар Маало, вели директорот на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски

 

Директорот на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, Васко Кичевски во интервју за весникот ВЕЧЕР ги открива новините што се воведуваат на паркинзите со кои се стопанисуваат, за нивното осовременување, за причините за зголемување на цената на паркирањето, а говори и за начинот на кој ќе се справуваат со дивото паркирање, како и за зголемување на безбедноста на паркинзите.

*Воведовте низа новини во паркирањето во општина Центар. Она што го промовиравте завчера, наиде на големо поздравување кај жителите на општината. Ја зголемивте и цената за паркирање за 20 денари од час. Сметате ли дека со овие мерки ќе ги натерате граѓаните повеќе да користат алтернативен превоз и дека ќе се намали интензитетот на возилата во Центар, со оглед на фактот што Градски паркинг останува со исти цени?

Сметаме дека со овие мерки ќе го намалиме бројот на возила во општина Центар. Веќе имаме еден пример. Колку за илустрација, на паркингот кај Домот на градежниците, а пред зголемување на цената на овој паркинг дневно се паркираа околу 300 нерезидентни возила. Со покачување на цената, бројот на возила се намали на 40 до 50. Имаме пет пати намалување на бројот на возила што се паркирани на ова паркиралиште.

Уште еден пример е новиот паркинг „Палома Бјанка“ кој постојано има 20 до 30  слободни места. Со овие позитивни примери покажуваме дека зголемувањето на цената за паркирањето влијае на бројот на возилата што се паркираат.

*Зошто на одделни ваши паркиралишта цената е зголемена за 30 денари, па сега час паркирање од 40 е зголемено на 70 денари? 

Зборуваме за паркингот „Авто Македонија“ кај Зелен пазар. Се работи за паркиралиште кое е на само 100 метри од друго наше паркиралиште „Трготекстил“ позади средното училиште „Јосип Броз Тито“. А ова паркиралиште, пак, се наоѓа на 10 метри од Собранието на Република Македонија и сметаме дека цената требаше да се изедначи помеѓу овие две паркиралишта. На паркингот кај „Авто Македонија“ жителите се соочуваат со голем проблем со товарните возила што ги користат пазарџиите. Всушност се работи за злоупотреба на издадените картички. Нивните картички се издадени за автомобили, а се користат за товарни возила.

Од 1 јануари 2020 година во функција е ставен новиот систем за препознавање на регистерски таблички и сите малверзации кои ги прават се воочуваат. На корисниците ќе им биде потенцирано дека ќе им бидат раскинати договорите и со тоа ќе оневозможиме товарните возила да бидат паркирани на овој паркинг. Истовремено, им дозволивме бесплатно да ја доставуваат стоката од 5 до 7 часот наутро, а со тоа да не го попречуваат нормалниот тек на сообраќајот.

*Најавивте „борба“ против дивото паркирање и изградба на монтажни гаражи за локалните жители, со цел оние што доаѓаат од страна да ги користат повеќе катните гаражи. Како ќе ги натерате  граѓаните од другите општини да ги користат и каде сè имате намера да изградите монтажни гаражи освен на улицата „Орце Николов“ кај Генералштабот?

Монтажните гаражи ги правиме во соработка со општина Центар. Освен на улицата „Орце Николов“ кај Генералштабот, монтажна гаража ќе се прави кај трговскиот центар „Дилајла“, со што ќе обезбедиме дополнителни паркинг места пред сè за жителите, но истите ќе можат да ги користат сите.

Овој монтажен паркинг допрва треба да се проектира, додека оној на улицата „Орце Николов“ би требало да биде готов ова лето.

*На кој начин ќе ја зголемите безбедноста на паркинзите?

Со проектот за автоматска наплата и препознавање на регистерски таблички на отворените и затворените паркиралишта е поврзан и проектот за поставување на камери на паркиралиштата, со кој ќе се овозможи да се види секое слободно место на паркиралиштата и тоа граѓаните ќе можат да го следат на мобилната апликација која ќе биде пуштена во употреба до крајот на месецов. Според првичните проценки, на територијата на општина Центар ќе се постават 1.500 камери кои ќе бидат мрежно поврзани и кои ќе имаат уште една дополнителна функција, а тоа е препознавање на регистерски таблички и автоматска наплата на отворените и затворените паркиралишта. Сепак, се разгледуваат уште некои опции. Во скоро време ќе одлучиме со кој тип на систем на автоматска наплата ќе одиме на отворените и на затворените паркиралишта. Треба да се напомене дека се работи за долготраен проект за кој ќе бидат потребни 3 до 4 години за целосно опслужување на територијата на општина Центар. Почетокот на реализацијата на проектот за поставување на камери е планиран за втората половина на годинава, а ќе се стартува од Дебар Маало.

*Сте имале ли случаи и колку на оштетени возила на паркинзите или на кражби во нив и како постапувате тогаш?

Оштетувања на возила имало, меѓутоа немаме начин како ние да ги обесштетиме сопствениците, иако реагираат, но ретко, оти знаат дека не можеме ништо да сториме.

*Еднаш неделно информирате колку непрописно паркирани возила се подигнати од вашата „Пајак служба“. Има ли граѓани кои реагираат бурно на подигање на нивното возило? Може ли да издвоите некои интересни случаи.

*Бурно реагирање имаме секојдневно. За жал, сопствениците чии возила се креваат поради непрописно паркирање и претходно повеќе пати непрописно паркирале. Мораме да сфатиме дека навиките мора да ги менуваме. Центар не може да ги прими сите возила кои гравитираат. Преоптоварувањето на нашите паркиралишта е преголемо. Веројатно граѓаните за да завршат некоја работа ги оставаат автомобилите на места кои не се обележани. За таа цел почнавме нова кампања „Центар не е паркинг“, со што укажуваме на граѓаните дека преголемото непотребно користење на возилата создава проблем, не само на паркиралиштата, туку и влијае на аерозагадувањето, уништувањето на јавните површини, попречувањето на велосипедските патеки, а се зафаќаат и тротоарите. Што се однесува до издвојување на интересни случки при подигање на непрописно паркирани возила не би можел да потенцирам посебно. Во поголем дел се вербални расправии.

*Колку средства инкасиравте од „Пајак службата“ во 2019 година и за што се користат тие пари?

„Пајак службата“ на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ е во јавно-приватно партнерство и 55 проценти од средствата одат кај приватниот партнер. Договорот со него трае уште две години, по што ЈП ПОЦ целосно ќе  ги преземе ингеренциите над оваа служба. Инаку, минатата година беа инкасирани 16.031.000 денари од кои 55 проценти, односно 8.800.000 денари  се за приватниот партнер. Инкасираните средства се користат за тековни трошоци, расходи за плати. Минатата година купивме и четири електрични возила, машина за бележење, машина за чистење, вложивме за дигитализација на претпријатието, односно во веб-платформа со која сите услуги ги нудиме по електронски пат, набавивме нови блокатори и други потреби на претпријатието.

*Сè повеќе граѓани реагираат за паркираните возила во улиците низ населбите во општина Центар. Дворовите стојат празни, а пред куќите и зградите долж цели улици се наредени паркирани возила, со што се оневозможува нормално функционирање на сообраќајот. Зошто ништо не преземате на ова поле и зошто “Пајакот” не работи на оваа проблематика?

Реагираме во зависност од местото каде има вакви појави. На пример во Дебар Маало и Буњаковец интервенираме постојано, во сите улици, освен онаму каде што е невозможно да влезе пајак-возилото. До крајот на месецов ќе го добиеме и четвртото пајак-возило кое е помало и кое е наменето токму за пристап до оние места во кои сегашните пајак-возила не можеа да влезат. Ова возило ќе може да влезе и во монтажните паркиралишта и во катните гаражи и на тој начин поефективно ќе можеме да ги отстраниме непрописно паркираните возила. Една од непристапните улици е „Пиринска“, а ги има повеќе.

(А.П.) – фото: Ѕ.П.