„Со љубов за Тоше“ – на 5 октомври во чест на ангелот од Крушево

233

По пауза од две години поради короната!

На овој 5 октомври се навршуваат 15 тажни години без Тоше. Затоа на тој датум, неговите фанови, неговите пријатели, неговите колеги од естрадата и многу музичари ќе се соберат на едно место, поради настанот „Со љубов за Тоше”. Настан кој ќе биде исполнет со многу емоции!

Тоше Проески, нашата музичка икона, нашиот ангел кој остана да живее во нашите срца и во срцата на голем број неговите фанови од Балканот, па и пошироко, никогаш не е заборавен, ниту ќе биде. Само што поради короната и строгите здравствени мерки, претходните две години не беа одржани концертите на 5 октомври. Тоа е важен датум кој се одбележува како многу значаен во неговата куса, но мошне богата кариера. На тој 5 октомври, Тоше го одржа својот последен величествен концерт на скопскиот Градски стадион.

Настанот оваа година ќе биде насловен „Со љубов за Тоше”, а на него треба да настапат повеќе домашни – македонски, но и балкански ѕвезди, воедно пријатели на Тоше. Досега на таквите концерти, во името на Тоше, пееја многу популарни пејачи од Јелена Томашевиќ, Гоца Тржан, Ања Рупел, Тамара Тодевска, па сè до Бојан Маровиќ, Калиопи, Марија Шерифовиќ, Тони Цетински… Сето тоа ќе биде под покровителство на Министерството за култура како и на Спомен-куќата на Тоше Проески. Да појасниме дека обожавателите на легендата Тоше Проески емотивно се поврзани со октомври. Не само што тој месец Тоше го напушти овој свет, туку и тогаш го одржа својот последен голем хуманитарен концерт, само 11 дена пред таа ужасна трагична сообраќајна несреќа.

Концертот на Градскиот стадион во Скопје претставува еден вид аманет оставен од него до сите нас, со цел да се одржи традицијата на хуманост преку концерти во неговата чест.

Оваа година се навршуваат 15 години од неговото заминување и со исклучок на само неколку, во сите тие години аманетот се оствари. Фановите се собираат и пеат во негова чест. Се пеат неговите хитови: „Тајно моја“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Сонце во твоите руси коси“, „Чија си“, „Игри без граници“, „Срце није камен“, „Још увек сањам да смо заједно“, „Немаш ни благодарам“, „Во коси да ти спијам“,“Трешња“ “Волим осмијех твој“, , „Иконо моја“, „И ледена и медена“, „Вежи ме за себе“…(Д.М.)фото:ФБ/Инстаграм