Со четворица млади автори: Групната изложба „На работ“ во Акантус

60

Во галеријата „Акантус“ на 14 февруари, со почеток од 20 часот, ќе се отвори групната изложба „На работ“ на уметниците Ана Трајковска, Ива Станкова, Илија Прокопиев и Доротеј Нешковски.

Станува збор за четворица млади автори кои ќе се претстават со дела изработени во различни техники и формати, а изложбата ќе биде отворена до 10 март.

„Нивните дела се изработени во масен пастел, графички отпечаток, цртежи, акрил, масло на платно и други. Навидум многу различни, но сепак доволно (не)компатибилни за да направат една целина и да го прикажат уметничкиот израз за материјалната слика на работ“, се посочува кон изложбата.

Кураторката на оваа изложба, Дијана Томиќ Радевска, пак, ќе истакне дека нивното искрено задоволство може да се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, возбудата од ‘лутањето’ (истражувањето) низ сопствениот јазик. „Низ отворени структури и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, односот на човек-град, човек-природа, човек-човек го оставаат отворен и целиот простор на работ на отворен запис кој може да се дополнува“, вели таа.