Поранешниот светски шампион во скок во височина, Украинецот Бохдан Бондаренко, е шокиран што многу руски и белоруски спортисти веруваат дека во Украина нема војна, бидејќи вестите во локалните медиуми се цензурирани.

  • Тие мислат дека ништо не се случува во Украина. Наводно, така се зборува таму во информативните програми, изјави поранешниот светски и европски шампион за полскиот портал „Онет“.

Семејството на Бондаренко остана разделено поради руската инвазија на Украина. Неговата мајка останала во Украина изложена на руски напади, а сопругата и ќерката успеале да побегнат во Унгарија.

  • Тие не сфаќаат дека руската армија не убива. Тие мислат дека тоа не е точно, додаде Бондаренко.

Руските власти внимателно го следат начинот на, како што ја нарекуваат, „специјалната воена операција“ во Украина, тврдејќи дека таа има за цел да ги отстрани „неонацистите и наркозависниците“ кои се на власт во Киев и претставуваат директна закана за безбедноста на Русија.

Бондаренко моментално е во Рим и се обидува да им се придружи на сопругата и ќерката во Будимпешта.

Откако започна руската инвазија на Украина минатиот четврток, многу меѓународни спортски организации забранија настапи на руски и белоруски спортисти.

  • Шокиран сум што луѓето не го разбираат тоа, дури ни моите пријатели со кои се натпреварував. Се чини дека спортистите од овие земји не разбираат зошто беа исфрлени од натпреварувањата ширум светот, вели 32-годишниот Бондаренко, чија мајка, брат и баба останаа во Харков, кој претрпе најголема штета од руската инвазија.
  • Тие одат во подрум секој ден кога ќе почнат да гранатираат. Таму го поминуваат и поголемиот дел од ноќта, иако е многу студено. Разговараме, но врската често се губи. На излезите од градот Русите пукаат во автомобили. Тешко е да се остане, но тешко е и да се напушти. И двете опции се опасни, изјави Бондаренко, кој поради повреда мораше да го пропушти настапот на минатогодишните Олимписки игри во Токио.