Со седум мерки од третиот антикризен сет се прави обид за рестарт на македонската економија

Најавени се нови бескаматни кредити, државни гаранции за кредитите што ги земаат фирмите од комерцијалните банки, поддршка за реструктурирање на текстилната индустрија, помош за развој, инвестиции и зголемен извоз на малите, средните и стартап фирмите, кофинансирање на настани и конференции што ќе се одржуваат во домашни хотели и други капацитети...

505

Со седум мерки креирани во рамките на третиот сет антикризни мерки Владата продолжува со поддршката на компаниите и граѓаните. Како што информираа на вчерашната заедничка прес-конференција, министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, со овие мерки се оди и кон структурни промени на економија кои треба да обезбедат нејзин рестарт и развој.

Првата од седумте мерки од овој пакет се нови 31 милион евра бескаматни кредити за микро, малите и средните компании преку Развојната банка. До 30 проценти од кредитот ќе бидат грант за компаниите кои се водени од жени, вработуваат претежно млади, ако се работи за инвестиција. Државата во оваа мерка ќе учествува со национално кофинансирање од еден милион евра, од кои дел се од буџетот на Министерството за економија, а дел грант од Европската Унија за кој се преговара.

Преку Развојната банка ќе се реализира и втората мерка која всушност е развивање државна гарантна шема која треба да биде готова до септември. Преку оваа алатка ќе се овозможи полесен пристап на фирмите до кредити од комерцијални банки, зашто државата ќе гарантира 50 до 70 проценти од нивната вредност. Според Ангеловска, со почетен капитал од 10 милиони евра државата би можела да гарантира над 65 милиони евра.

Со нови 25 милиони евра додадени со ребалансот на буџетот се планира да се поддржи конкурентноста на извозно ориентираните компании, инвестициите, модернизацијата за зголемување на продуктивноста и слично. Оваа трета мерка е со фокус на индустријата, а ќе се реализира од јуни до декември. Оваа поддршка е преку истата програма преку која се финансираат платите за вработените до 14.000 денари и други исплати кои се извршени или се во тек.

Четвртата мерка е за модернизација за освојување нови пазари. Конкретно е насочена кон текстилната и чевларската индустрија за кои ќе се креира платформа за полесен извоз на производите. Ангеловска вели дека текстилната индустрија, која во април го зголемила извозот за 300 проценти, преку производство на заштитни маски, покажала дека има голем потенцијал и освен лон може да има и свое производство кое преку оваа платформа ќе го пласира во странство.

– Државата да им даде стимул, да им даде крилја свои производи со додадена вредност да пласираат на странските пазари. Затоа ќе се изгради дигитална платформа која ќе постави нови технологии и ќе отвори нови пазари за овие компании, а понатаму ќе може да се користи и за други индустрии, појасни Ангеловска, која првиот состанок со текстилниот кластер и коморите на оваа тема го најави за денеска.

Оваа платформа треба да се лансира до септември.

Директна поддршка мали, средни и стартап компании од 1,5 милиони евра е петтата мерка. Овие компании ќе се поддржат за воведување нови процеси, иновации, освојување нови пазари, дигитализација, зголемување на конкурентноста преку кофинансирање на дел од развојниот проект. Во рамките на оваа мерка е и развојот на концептот стартап села. Реализацијата е предвидена за периодот јуни-јули.

Шестата мерка, информира Ангеловска е инструмент за брзо приспособување. Преку Фондот за иновации и технолошки развој ќе се обезбеди првична развојна поддршка на домашните компании со трак рекорд и потенцијал за успешно работење и брзо приспособување. Мерката тежи 3.300.000 евра.

Последната мерка е кофинансирање на настани и конференции до 30.000 денари. Министерот Бектеши појасни дека овие настани на домашните компании ќе се кофинансираат за да се одржуваат во домашни хотелски и други капацитети. За оваа мерка се предвидени 245.000 евра, а ќе се реализира од јуни, односно јули.

-Сите овие мерки ќе придонесат за зачувување на постојните и креирање нови работни места, потоа и за зголемена конкурентност на домашното стопанство, вели Ангеловска.

Бектеши појасни дека со првиот и вториот пакет мерки се реагирало брзо и навремено, а со третиот пакет за директна поддрршка на граѓаните и стопанството треба да се рестартира економијата.

Вкупната вредност на првиот и вториот пакет мерки е од 200 до 250 милиони евра или два отсто од БДП. Третиот пакет е 300 милиони евра и опфаќа 730.000 корисници. Вкупната вредност на сите три пакети е 550 милиони евра и достигнува пет до 5,5 проценти од БДП, рече Бектеши.

Тој смета дека со овие мерки од оваа криза треба да се направи нова можност за сите нас.

(С.В.)