Со претставата „Приватни животи“ на Градскиот Театар Винковци од Хрватска, која ја насмеја публиктата во преполната сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, синоќа започна јубилејното 25. издание на Меѓународниот театарски фестивал Денови на комедија во Куманово.

Фестивалот го отвори министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која истакна дека Куманово има традиција за негување на комедијата.

„Комедиите не се само забава, тие често не опоменуваат и ни даваат друг поглед на стварноста. Комедиите се пишувале и во најстрашните времиња за човештвото, затоа смеата е таа која го оддржува здравиот дух и ни овозможува од поинаква страна да им пријдеме на секојдневните предизвици“, истакна Костадиновска Стојчевска.

Актерот Благоја Чоревски кој годинава ја доби наградата „Васил Иљоски“ за трајни вредности во областа на културата и театарот, во своето обраќање рече дека е почестен за признанието. Тој се потсети на својата кариера кога двапати играл главни улоги во драмите на Васил Иљоски.

„Ова е признание за нешто што јас навистина сум го правел во животот и мојата професија. И секако вие публико сте тие што ме одржувате во живот и на сцена. Вие сте мојот пат и подршка. Без вас не би постоел“, кажа меѓудругото Чоревски во своето обраќање.

Во наредните денови ќе бидат одиграни претставите „Да, инспекторе“ на Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп, Атеље 212 Белград ќе настапи со „Славна Флоренс“, Народен театар Битола со „Малиџано“, Театар Тетово со „Малограѓанска свадба“, Театар „Импресарио“ од Белград со „Повикај го М поради уживање“, додека  Струмичкиот театар ќе ја одигра претставата „Паника во хотел Палас“. Ќе настапи и ансамблот на Драмски театар од Ловеч, Бугарија и Приштински народен театар, како Велешкиот театар со претставата „Слуга на двајца господари“. Фестивалот на 14. октомври ќе го затвори Кумановскиот театар со претставата „Секс и лаги“.