На традиционалната „Поетска ноќ во Велестово“, која годинава ќе се одржи по 34. пат, се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање на поезијата наменета за младите од регионот. Исто така, ќе се одржат и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно за подигањето на еколошката свест

Традиционалната „Поетска ноќ во Велестово“ годинава ќе се одржи по 34. пат, од 19 до 21 август, на неколку локации во селото Велестово и во Охрид. Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање на поезијата наменета за младите од регионот. Исто така, ќе се одржат и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно за подигањето на свеста за екологијата.

Програмата ќе започне в петок, на 19 август, од 21 часот, традиционално во Велестово, на сретсело, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска. За нејзиното поетско творештво ќе беседи Сашо Огненовски, а специјални гости ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.

По поетскиот портрет, таа вечер од 22 часот, на тремот од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Велестово ќе биде отворена ликовната изложба на Никола Пијанманов – „Плачот на Адам“.

– Програмата ќе продолжи следниот ден, на 20 август, со проектот „OH READ ‒ поетски викенд и работилница за младите од регионот“. Настаните ќе почнат во 11 часот, во просториите на „Касарна ХАБ“ во Охрид, за кога е предвидена работилницата за креативно пишување и иновативно интерпретирање на поезијата наменета за учениците од охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ и за другите заинтересирани млади од регионот. Искуствата ќе ги споделат поетите од проектот OH READ: Селахатин Јолгиден (Турција), Мањола Наси (Албанија), Валентина Бакти (Србија), Диме Данов (Македонија) и Јулијана Величковска (Македонија) – посочуваат организаторите.

Тој ден, со почеток во 18 часот, во кафе-барот „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое ќе настапат споменатите поети од проектот OH READ, но и другите поети учесници на фестивалот: Ким Симонсен (Фарски Острови), Лидија Димковска (Македонија), Алеш Мустар (Словенија), Ана Голејшка-Џикова (Македонија) и Зоран Јакимоски (Македонија). Во рамки на читањето предвидена е и една куса дебата за значењето на книжевните преводи.

Фестивалот ќе заврши в недела, на 21 август, со уште едно интернационално поетско читање „Поезија ‒ залез“ што ќе се одржи во природа, на локација во селото Велестово што се наоѓа во националниот парк „Галичица“, на кое ќе настапат сите поети учесници на фестивалот, а ќе се дебатира и за улогата на пејзажот во книжевноста, со што би се подигнала свеста за екологијата.