Со пораката за еднаквост на жената „… Петрунија“ го освои и арапскиот свет

134

„Женскиот филм“ на Теона Стругар Митевска „Господ постои, името и е Петрунија“, чија порака е еднаквост на жената, деновиве го освои и арапскиот свет.

Како што соопшти Европската филмска промоција (ЕФП) и Арапскиот филмски центар, тој е прогласен за најдобар европски филм во изборот на арапските критичари. „Апсолутно сме воодушевени што првата награда од арапските критичари ја доби филм во режија на жена, со еднакво извонредна главна женска улога. Неговата силна порака која се залага за еднакви права за жените е универзална“, истакна претседателката на ЕФП и директорка на Чешкиот филмски центар, Маркета Сантрохова.

Наградата ѝ беше врачена на продуцентката Лабина Митевска, која има една од водечките улоги во филмот, а од страна на претставници од ЕФП, Арапскиот филмски центар и директорот на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, каде што се одвиваше доделувањето на наградата.

Инаку, изборот за најдобар европски филм од 24 пријавени филмови од цела Европа, го извршиле 42 филмски критичари од 13 арапски земји. „Наградата има за цел да ја промовира европската кинематографија во арапскиот свет и да го насочи интересот на дистрибутерите и клучните играчи во индустријата кон квалитетни европски филмови, истовремено ставајќи ги во фокус истакнатите филмски критичари од голем број на арапски земји и нивната исклучителна улога во отворањето на нови перспективи и премостувањето на културните разлики“, посочија од македонската Агенција за филм.

Филмот има освоено 23 награди, а последнава е само уште една во низата со која ова остварување се вбројува во еден од најуспешните македонски филмови досега.

Како што е познато, „Господ постои, името и е Петрунија“ светска премиера имаше во официјалната селекција на Берлинскиот филмски фестивал, а досега е прикажан на 74 филмски фестивали и дистрибуиран во 28 земји низ светот. Тој е и еден од трите европски филмови кои се во официјалната селекција за престижната награда на Европскиот парламент – ЛУКС.