Според директорот на Институтот за старословенска култура Бранко Ристески, се работи за стратешки документи кои се очекува да бидат усвоени до средина на февруари. „Ова е прва точка бидејќи ни овозможува комплетно да управуваме од аспект да можеме да аплицираме за проекти за заштита и за целосно функционално третирање на овој простор. Овие два документи се од суштинско значење и се во функција на крајната цел – постојаната листа на УНЕСКО“, вели за весникот ВЕЧЕР, Бранко Ристески, директор на Институтот за старословенска култура – Прилеп

Стратегиската оценка за животната средина и планот за управување, се двата документа кои комплексот „Маркови кули“, ќе го донесат чекор поблиску до постојаната листа на УНЕСКО.  Според директорот на Институтот за старословенска култура Бранко Ристески, се работи за стратешки документи кои се очекува да бидат усвоени до средина на февруари.

Комплексот кој се простира на 4.000 хектари опфаќа повеќе културни обележја меѓу кои манастирите Трескавец, Архангел Михаил, горниот град на средновековниот Прилеп, цивилниот сегмент на средновековниот Варош, црквите „Свети Димитрија“, „Свети Никола“, црквата „Свети Петар и Павле“, потоа, црквата „Свети Атанас“ и црквата „Свети Богородица Пречиста“…

„Во петок на 31 јануари во просториите на локалната самоуправа Прилеп ќе организираме јавна расправа по двата документи со кои би го заокружиле управувањето како систем на обврски и права со оглед дека Институтот е субјект кој управува со комплексот. Од 2005 овој споменик на природата се наоѓа на привремената (тентативна) листа на УНЕСКО“, вели Ристески.

Сепак, тој додава дека подготовката на апликацијата  за постојана листа е долгорочна и поврзана е со одредени непосредни истражувачки активности за валоризирање на природните и културните содржини и ставање во функција.

„Ни претстои долг процес. Апликацијата е строго административен и прецизен документ кој ние сериозно го подготвуваме. Ова е прва точка бидејќи ни овозможува комплетно да управуваме од аспект да можеме да аплицираме за проекти за заштита и за целосно функционално третирање на овој простор. Овие два документи се од суштинско значење и се во функција на крајната цел – постојаната листа на УНЕСКО“, додава Ристески.

По јавната расправа овие документи ќе бидат надополнети со забелешките и ќе бидат доставени до Министерството за животна средина која ја одобрува финалната верзија и ја враќа до Советот на Институтот на усвојување. Со тоа, велат од Институтот, планот за управување станува официјален документ според кој се управува наредните десет години.

„Тој станува суштински документ со кој се регулираат сите активности, почнувајќи од елементарното движење, интервенирање, заштита и проучување. Ова ни овозможува да аплицираме и за различни проекти, домашни и меѓународни со кои би ги продлабочиле сознанијата од поширок ранг, како што се компаративни сознанија за слични региони и тоа со стручни мислења. За постојаната листа е нужно да се валоризира општото значење на овој споменик. Тоа е долгорочен процес кој е врзан и за финансии, ангажирање на надворешни експерти… Со оглед дека ова е комплексен процес во кој влегуваме, со донесувањето на овие документи, го покажуваме нашиот капацитет“, посочува Ристески. Сепак, тој истакнува дека постапката може да трае од година – две до  десет во најлоша варијанта.

„Имаме цел дијапазон на културни вредности кои треба да добијат и меѓународна валоризација. Но имаме доволно факти за да може да се фатиме во костец со сите меѓународни стандарди за валоризација на вредностите“, истакна во една од своите претходни изјави Ристески.

Инаку, „Маркови кули“ со закон во 2006 беа прогласени за споменик на природата. (Д.Т.)