Со песната „Добро утро, Македонијо“ на Ранко Рангелов 70. роденден му го честиташе Благица Павловска!

668

(Дуле МИЌИЌ)

Не бидете слепи, гледајте си го здравјето, негувајте си го како што си ги негувате жените и мажите покрај себе, не си го трошете на нервози и глупости со парите. Парите не се проблем, пари нема, хахахахахааа…..

Лесно и со задоволство него го препознаваме како еден од врвните долгогодишни и неуморни за работа македонски хумористи, комичари и шоумени. Тоа е Ранго Рангелов! Можеби ќе се запрашате каде е, што прави во ова време на пандемијата? Весникот ВЕЧЕР открива дека во семејството на Ранко деновиве имаше причина за веселба. Хумористот кој многу успешно го “симнува“ ликот на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито, и сите ги засмејува, го прослави својот јубилеен 70. роденден дома во Скопје.

– Ете, не умираат сите како што се заредија, јас сум отпорен, жив и здрав и си го славам роденденот, открива Ранко во својот духовит стил. И добро е штом е така. Сепак, роденденот беше скромно прославен без собирање на многу луѓе со оглед на пропишаните здравствени мерки. Во кругот на најтесното семејство. Големо пријатно изненадување му приреди неговата пријателка, другарка и естрадна колешка Благица Павловска која од рано наутро преку телефон му ја запеа нејзината хитовска “Добро утро, Македонијо“, песната која Ранко многу ја сака, како што си ја сака на свој начин и Благица со која има поминато и многу турнеи, дури и во далечната Австралија во оние некои подобри времиња.

–Убаво е да се слави, да се пее, да му се радуваме на животот. Јас сум непоправлив оптимист и сакам да верувам дека наскоро ни доаѓа подобра иднина. Нема да бидам патетичен, ако кажам дека и во овие невремиња кога поради короната многу семејства се завиени во тага, надежта не смее да замре, а со надежта и самата песна, а на прво место тука е хуморот. Дури и оној што се вели “црниот“ хумор кој честопати знае да извлече насмевка на лицето колку и да ни е многу тешко, вели Рангелов за весникот ВЕЧЕР. За 70. роденден Ранко ги дувна и роденденските свеќички на роденденската торта. Се отвори и шампањското, нели тоа е јубилеен роденден, ред е, а славеникот посака да има само здравје.

– Во овие мои години тоа е нешто најважното. Сè ќе дојде и помине, само здравје да имаме. Честопати додека сме здрави не си го почитуваме тоа благо кое го носиме со себе мислејќи погрешно дека парите во паричникот ни се поголемо благо. Не, не, тоа е сосема погрешна мисла. Тие се на некое трето, четврто, петто место. Колку само богати луѓе знам кои не можеле ниту со купишта пари да си го купат изгубеното здравје.                                                                                                                        Затоа, не бидете слепи, гледајте си го здравјето, негувајте си го како што си ги негувате жените и мажите покрај себе, не си го трошете на нервози и глупости со парите. Парите не се проблем, пари нема, хахахахахааа….. објаснува Ранко малку шегобијно, онака како што само тој умее, за да се понасмее и да си го разведриме намуртениот есенски ден.