Со нов асфалт се преслекуваат локални патишта во селските средини

60

Општина Македонска Каменица продолжува со изградбата на локалните пристапни патишта во повеќето селски средини. Завршено е асфалтирањето на првите 1.000 метри во селата Луковица и Тодоровци од вкупно предвидените 2.730 метри, а во тек е и изградбата на нов локален пристапен пат во село Цера, со должина од 340 метри.

– Склучениот договор предвидува изградба на асфалтни патишта со вкупна површина од 8.236 квадратни метри асфалт, за кои приближно се издвоени 12,9 милиони денари – изјавија од општината.

Истовремено, како што додадоа во централното градско подрачје на Македонска Каменица, интензивно се работи на подготовките за продолжување на улица „8 Септември”.

– Исто така во план за реализација е и уредување на јавниот и паркинг-просторот долж улицата. По завршувањето на градежните работи во село Цера, во зависност од временските услови, ќе продолжи изградбата на уште неколку асфалтни патишта во останатите селски средини – дополнуваат од општината.