Со навремена интервенција отстранети штетите од невремето

545

Службите на Град Скопје успеаја со навремена и брза интервенција да ги санираат штетите од невремето, проследено со силен ветер, што се случи во средата вечерта. Како што велат градските власти, екипите неуморно работеле до раните утрински часови, а се отстранувале препреките на улиците низ Скопје од паднатите дрвја, покриви и однесените фасади од силниот ветер.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов информираше дека на санирање на последиците од паднат покрив од објект на булеварот „Партизански одреди“, се работело до 3 часот утрината.

Во санирањето на штетите од невремето се вклучија и скопските општини. Од Општината Центар информираа дека нивни екипи вчера утрото биле на терен и ги отстранувале и санирале штетите од откорнатите дрвја, покриви и оштетени автомобили.  Градоначалникот Саша Богдановиќ замоли за трпение и апелираше до граѓаните да пријават проблем на официјалната веб-страница на www.centar.gov.mk, за последиците од невремето.

И комуналните екипи на Општина Аеродром се вклучиле во расчистување на теренот. Се кастреле и собирале гранките од улиците, патеките и влезовите пред училиштата и градинките. Од таму ги повикаа граѓаните да пријават ако забележат паднати дрвја и поголеми гранки, за да можат комуналните служби навремено да излезат и да го расчистат теренот.

Во општина Бутел од силниот ветер најпогодени биле брезите.

– Од силината на ветерот скршени се четири брези на различни локации. Една е во училишниот двор на ОУ „Живко Брајковски“, втората е на улица „Натанаил Кучевишки“, третата е на улица „Лазо Москов“, каде што брезата оштетила и едно возило, а четвртата скршена бреза е на улица „Боро Менков“ – информираа од локалната самоуправа.

Штетите од невремето жителите на Бутел можат да ги пријават на дежурниот телефон 075/249-314.

(А.П.)