Со „Музиката од светот“ започнаа Деновите на хуманоста

70

„Музиката од светот“, во интерпретација на маестро Ѕене и прекрасниот вокал Елена од Делчево, испрати порака за поголема свест за лицата со посебни потреби со фокус на правата на овие лица. Преполната сала беше уште еден доказ дека делчевци сакаат да донираат и се вклучија во кампањата, која има за цел и да ја промовира филантропијата и општествената одговорност на фирмите.

Специјални гости на вечерта беа децата со посебни потреби од Делчево кои уживаа во музиката, а средствата собрани од овој концерт ќе бидат донирани за потребите на Дневниот центар.

Активностите во рамките на кампањата „Денови на хуманоста – дарувај со љубов“ продолжија во Дневниот центар каде што беше отворена сензорна соба, проект на ИПР, Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

Средствата собрани од влезниците на новиот филм на Милчо Манчевски „Врба“во организација на НУЦК „Никола Јонков-Вапцаров“ ќе се донираат на Дневниот центар.

Во „Деновите на хуманост“ се вклучува и поетесата Ана Дедова од Кочани со промоција на нејзината втора книга поезија „Везот на животот“, што е во организација на ЈЛБ „Илинден“, а промоцијата е најавена за 5 декември во 13 часот во мултифункционалниот центар во спомен-домот АСНОМ.