Со месеци се чека за преглед, граѓаните залудно плаќаат здравствено осигурување!

398

Ситуацијата со короната дополнително ја отежна ситуацијата на пациентите кои имаат потреба од некоја здравствена услуга, посебно од специјалистички преглед за кој се чека со месеци. Иако со децении плаќаат здравствено осигурување, многу од нив се принуден да побарат лекарска услуга во приватните болници. На овој горлив проблем посочи претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова – Дервишова за ТВ21.

„За специјалистички преглед граѓаните чекаат со месеци, а може да се случи да чекаат и дури цела година. Во сите општини во земјава општите лекари се соочуваат со големи проблеми кога треба да закажат ехо на дојка или простата. Се жалат дека во Електронскиот систем „Мој термин“ нема слободни термини за нивните пациенти. Поради тоа не можат да утврдат дијагноза или да превенираат и да спасат човечки живот, вели д-р Чолакова –Дервишова.

Со овој проблем не се соочуваат само поради пандемијата, туку уште од почетокот на функционирањето на системот „Мој термин“, вели Чолакова. Иако со децении плаќаат здравствено осигурување, сепак се принудени услуга да бараат во приватните болници, додава таа.

Министерот за здравство, Венко Филипче, ветува дека од понеделник ќе има доволно термини за сите анализи и прегледи за пациентите.

Инаку, во однос на овој проблем реагираше и претседателот на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, Ненад Лазаров, кој напиша дека пациентите со хронични болести треба да чекаат по 6 месеци додека да дојдат до слободен термин за преглед или препишување терапија.  Хирурзите од Општата болница „8 септември“ за понеделник најавија протест, поради недостигот на капацитети на операционите сали, кои се отстапени на ковид пациенти. Но протестот беше откажан по средбата со Министерот за здравство.