Со “Лебедово езеро“ Националната опера и балет започнува онлајн прикажување на претставите

80

Од вечерва со почеток во 20 часот, Националната опера и балет на нејзиниот официјален јутјуб-канал ќе емитува оперски и балетски претстави.

Од оваа културна установа посочуваат дека секој вторник ќе биде резервиран за балетската уметност додека секој петок ќе биде термин за љубителите на оперската уметност. За оваа цел ќе се користи алатката на јутјуб-премиера која ќе ѝ овозможи на публиката од целиот свет да се вклучи во магијата на оперската и балетската
музичка уметност. За оние што не се во можност да ја гледаат дигиталната премиера на претставите во реално време, секоја емитувана претстава ќе биде достапна 24 часа по првичното емитување.

“Нашата земја, како и остатокот од светот, доживува многу тешко време, и
иако не можеме да настапиме пред публика во живо, ние сме возбудени
да ги споделиме нашите претстави дигитално и културно да ја поддржиме
нашата публика за време на оваа криза“, велат од Националната опера и
балет.

Оттаму информираат дека во месец април ќе започнат со балетската претстава
„Лебедово езеро” од П. И. Чајковски, потоа операта „Боеми“ од Џакомо Пучини на 10 април, светската дигитална премиера на балетската претстава „Клеопатра“ е закажана за 14 април, додека операта „Евгениј Онегин“ од П. И. Чајковски е на 17 април.

Балетот „Дон Кихот“ е на 20 април, а на 24 април публиката ќе има можност да го гледа традиционалниот концерт по повод празникот Василица насловен „Disco fever”.

За распоредот на закажаните дигитални премиери следете на вебстраницата www.operabalet.mk и претплатете се на официјалниот јутјубканал на Национална опера и балет www.youtube.com/user/makoib.