Со концертот “Скопје во три бои“ и сите мерки за заштита вечерва се отвара 41. „Скопско лето“

123

“Според организаторот, музичката програма на „Скопје во три бои“ ги сплотува македонската, ромската и турската популација во нашето поднебје како убав спој на три музички култури во едно. Народниот уметник Македонец ја пее песната на неговиот пријател Ром. Ромот, пак, соживеан со Македонецот го игра неговото право оро, пее и говори на македонски. Турскиот музички мелос, пак, го има и се слуша со вистинско уживање. Така се создаваат овие три бои, со кои се обојува оваа убава слика на еден соживот“, велат од Дирекцијата за култура и уметност Скопје

 

„Скопско лето“, традиционална културна манифестација која годинава се одржува по 41. пат стартува вечерва (6 јули) во „Сулиан“ со концертот „Скопје во три бои“  на кој ќе настапат: Душко Георгиевски – вокален изведувач и флејта, Ратко Даутовски – ударни инструменти, Емил Адамски – кавал и акустичен бас, Бајса Арифовска – пијано, тамбура, виолина, кларинет и Благоја Алачки – гитара. Дирекцијата за култура и уметност Скопје, која е организатор на манифестацијата соопшти дека согласно со објавените протоколи, бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција, а влезот на публиката во „Сулиан“ ќе почне половина час пред концертот, односно во 20 часот.

Иако оваа летна манифестација секоја година почнува на 21 јуни, овој пат поради пандемијата, беше одложена, а во наредните денови сите настани од програмата ќе се одржуваат во согласност со протоколите донесени од Владата.

Според организаторот, музичката програма на „Скопје во три бои“ ги сплотува македонската, ромската и турската популација во нашето поднебје како убав спој на три музички култури во едно.  Истовремено, велат, таа ќе ги разбие стереотипите за поделеност.

„Кога се мисли на мултиетничката заедница, во прв план се мисли на начинот на кој говорат тие, што носат во себе секој од својата прататковина, како културно и духовно наследство, начин на кој живеат и како придонесуваат во градот или општеството во кое егзистираат. Народниот уметник Македонец ја пее песната на неговиот пријател Ром. Ромот, пак, соживеан со Македонецот го игра неговото право оро, пее и говори на македонски. Турскиот музички мелос, пак, го има и се слуша со вистинско уживање. Така се создаваат овие три бои, со кои се обојува оваа убава слика на еден соживот, културна размена и социјализација, како вредности кои треба да се негуваат, наведуваат организаторите на концертот.

Од Дирекцијата за култура и уметност ја соопштија и програмата на „Скопско лето“ за наредните четири дена по отворањето на фестивалот.

На 7 јули во Сули ан од 20.30 ќе се одржи јубилеен концерт на Пламенка Трајковска квинтет. Следниот ден, на 8 јули од 20.30 часот е концертот на “Ад Либитум“ триото во Музејот на македонската борба. На 9 јули следува  онлајн-промоција на книгата „…Kao ti i ja…/…Како ти и јас…/… Like You And Me…“ – љубовно-патописна поема инспирирана од младоста на Никола Тесла на авторот Тони Манџуковски-Манџук (со видеопроекција во „Тесла-бар“ од 20:20 часот). Во рамките на овој прв најавен дел од програмата, на 10 јули од 21 часот во Сули ан ќе биде одржана монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ во изведба на Бобан Алексоски и во продукција на Театар „Златен Елец“.

Инаку, во согласност со протоколите и заради регулирање и контрола на бројот на публика ќе се продаваат влезници по симболична фестивалска цена од 100 денари, а влезниците за настаните ќе можат да се набават онлајн преку: kupipartizase.com или во салонот на „Југотон“ во Градскиот трговски центар, велат од Дирекцијата.