Македонија, Западен Балкан, како и Европа очекуваат многу од новоназначениот претседател на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден. Неговата инаугурација во средата беше најгледан и најкоментиран настан во светот. Светските експерти сметаат дека се враќаат вредностите на демократијата, но и се засилува трансатлантското пријателство по заминувањето на Доналд Трамп. Сепак, познавачите во земјава посочуваат дека Бајден ќе има многу работа најпрво дома, затоа што има одговорност кон сопствените граѓани и нивните барања и очекувања кои кулминираа изминатиот период. Првите шест месеци како претседател на САД, Џо Бајден ќе се посвети на консолидирањето внатре во земјата, но ќе ги возобнови и глобалните стратешки партнерства. Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека е неспорно дека Бајден ќе направи сериозни промени во американската политика, во добар дел позитивни и за самата Америка и за целиот свет. Мултилатерализмот кој Трамп максимално го игнорираше повторно ќе биде применет и тоа е во секој случај добро, вели Никовски, но предупредува дека не треба да се очекуваат никакви посериозни промени во американските политики спрема Балканот и особено кон Македонија.

Американските интереси на Балканот се одамна дефинирани и во нив, за жал, македонските интереси не се вклучени. Бугарските небулози кон Македонија се вкопуваат во американското сценарио за бришење на македонизмот и создавање некаква политичка нација во нашата земја. Тоа само ќе ги засили тенденциите кои се веќе присутни. Тука можеби ќе има одредени тактички промени, но во никој случај суштински, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

– Иако гарнитурата која доаѓа на власт во Стејт департментот, вклучувајќи го и самиот Бајден, порано била инволвирана и во Балканот и во Македонија, суштински помени нема да има бидејќи американските политики на тој план се трајни и не треба да се надеваме дека нашата позиција ќе биде подобрена. Американските интереси на Балканот се одамна дефинирани и во нив, за жал, македонските интереси не се вклучени. Бугарските небулози кон Македонија се вкопуваат во американското сценарио за бришење на македонизмот и создавање некаква политичка нација во нашата земја. Тоа само ќе ги засили тенденциите кои се веќе присутни, иако е факт дека Софија се прецени и сака преку ноќ да го брише македонскиот народ. Тука можеби ќе има одредени тактички промени, но во никој случај суштински. Останува самите да се избориме за нашите фундаментални интереси и универзални права, вели во изјава за весникот ВЕЧЕР поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

Како голем минус за македонските власти, познавачите го припишуваат тоа што земјава и новиот претседател на најмоќната држава во светот го пречека без назначен амбасадор во Вашингтон, што треба да биде приоритет за да може Македонија непосредно да ги промовира своите позиции. На покана на американската амбасада во Скопје, инаугурацијата на Џо Бајден и новата потпретседателка на САД, Камала Харис, ја следеа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, заедно со американската амбасадорка Кејт Мери Брнз. Македонскиот државен врв испрати честитки до Бајден и Харис.

 -Честитки до новиот американски претседател Џо Бајден. САД се наш стратешки партнер кои секогаш ја поддржувале демократијата во земјава и нашите евроатлантски интеграции. Честитки до Камала Харис, првата жена потпретседател на САД, напиша претседателот Пендаровски на Фејсбук.

Премиерот Заев на Бајден и Харис им посака мандат исполнет со успешни политики кои обединуваат.

 -Мандат, во кој сум сигурен дека американската демократија ќе биде глобален пример што инспирира. Претседателе Бајден, се радувам на времето пред нас во кое верувам дека ќе го продлабочиме сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД, како и блиските врски и пријателството меѓу нашите граѓани, напиша премиерот Заев.

На крајот на минатата 2020 година, во која Македонија стана 30. полноправна членка на НАТО Алијансата, но ѝ беше спречена да ги започне преговорите со Европската Унија како што беше најавено од Брисел поради ветото од соседна Бугарија, претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски во изјава за весникот ВЕЧЕР порача дека Македонија треба да се фокусира на внатрешните реформи согласно барањата на ЕУ, но и да ги искористи можностите што ги создаваат глобалните случувања, како формирањето на новата администрација на САД и одржувањето на Берлинскиот процес под палката на Берлин. Трошановски рече дека консолидирањето на американската администрација ќе биде прозорец на можност, затоа што администрацијата на Бајден, и Рикер пред сè, е многу позапознаена со регионот и може да очекуваме дека ќе вложи многу поголем напор затоа што македонските евроинтеграции се и геополитичка цел, тука станува збор за НАТО-безбедноста, влијанието на Русија, Кина… И тој потенцираше дека дипломатските конзуларни претставништва треба да се пополнат во клучните престолнини кои ни фалат во многу важното полугодие од оваа 2021 година. (В.С.Н.)