Со отварањето на изложбата „Сто години струмичка ликовна уметност“ во Струмица е отворена Градска уметничка галерија. Таа е лоцирана во дел од скривницата на плоштадот која порано се користел за регистрација на бракови.

Според раководителот на Секторот за ликовна уметност при НУЦК „Антон Панов“ во Струмица, Александар Филев, новиот галериски простор е убава можност за уметниците да ги презентираат нивните дела.

“Долго време размислувавме со која изложба да се отвори Градската галерија во Струмица и на крај сите се согласивме тоа да биде изложба со дела на струмички сликари. За жал, голем број од уметниците чии дела се изложени физички не се присутни, но преку нивните дела нивниот дух вечерва е со нас“, истакна Филев.

Вкупната корисна површина на галеријата изнесува 319 метри квадратни, а има изложбен простор, депо за слики, дневно депо, канцеларија, бифе и простор за седење.

За уредувањето на просторот се потрошени околу 6,5 милиони денари, обезбедени во поголем дел од Министерството за култура и од општинскиот буџет.