Со завршувањето на 2020 година, завршува и најтоплата деценија досега

310

Крајот на 2020 година го заокружуваме со најтоплата забележана декада и една од трите најтопли години измерени досега, покажуваат податоците на Светската метеоролошка организација (СМО).

И покрај развојот на студената фаза Ла ниња на крајот на годината, која влијаше на намалувањето на просечната глобална температура, остатокот од светот продолжи да биде потопол од вообичаеното и просечната глобална температура во 2020 година е за околу 1,2 ° C повисока отколку во прединдустрискиот период. Според податоците на Светската метеоролошка организација, она што денес можеме со сигурност да го кажеме е дека периодот 2011-2020 година е најтопла деценија откако се направени мерења на температурата, но исто така и дека последните шест години се всушност најтоплите шест години досега.

Температурата на океанот исто така го достигна највисокото ниво оваа година, а топлотен бран е регистриран во повеќе од 80 проценти од океанот, што негативно влијаеше на целокупните екосистеми и подводниот живот, пренесува Клима 101.

За жал, поради зголемувањето на глобалната температура, имаше бројни други негативни последици, па глечерите и морскиот мраз продолжија да се топат, со што придонесоа за покачување на нивото на морето, а температурите на Арктикот беа дури пет степени Целзиусови над просекот.

Рекордно висока температура од дури 38 ° Целзиусови беше измерена во Сибир во мај, со голем број на топли бранови што го погодија овој инаку студен регион.

Ниту еден дел од светот не остана имун на ефектите од климатските промени во текот на 2020 година – големи шумски пожари ги зафатија Калифорнија, Амазон, Австралија, Азија и Африка, проследени со големи поплави, а на крајот на годината многу земји се соочија со рекордна сезона на урагани во Атлантикот. Сeто горенаведено погоди милиони луѓе, предизвикувајќи миграции, но исто така и повреди и смрт на голем број луѓе.

Како што појаснува Светската метеоролошка организација, мерките за спречување на ширење на коронавирусна инфекција не се најдобриот начин за ублажување на климатските промени, а всушност климатските промени во 2020 година дополнително ги ослабнаа системите кои веќе се слаби како резултат на борбата против пандемијата.

Она што е важно, сепак, е дека мерките што се воведени се добра почетна точка за земјите да ги стават своите економии на поодржлив пат.

Информациите за тоа дали 2020 година ќе го собори рекордот на 2016 година и ќе стане најтопла година што сме ја забележале досега, ќе бидат достапни на почетокот на следната година по собирање на податоци од сите релевантни бази на податоци што ја следат просечната глобална температура.

Извор:www.news.un.org