Со естрадно ток-шоу „Ќироскоп“ урнебесно ја забавуваше публиката – тајната е во белата боја и белиот шал! Сеќавања: Непознати детали од возбудливиот живот на Мирослав Ќиро Блажевиќ

129

Ќиро Блажевиќ и нашата Македонија ќе го памети не само како спортска туку и како исклучителна личност, како човек кој знаеше со својата харизма да ги забавува луѓето не само од спортот туку и од естрадата.  Тој, едно време на малите екрани го имаше и своето многу гледано забавно, ток-шоу „Ќироскоп“ во кое му гостуваа и (нему) најголемите естрадни ѕвезди: Тереза Кесовија, Златко Пејаковиќ, Данијела Мартиновиќ, Оливер Драгојевиќ, Јелена Розга, Петар Грашо, Неда Украден, Киќо Слабинац, Индира од “Колонија“, Горан Каран, Сања Долежал, Здравко Чолиќ, Исмета Дервоз, Мики Јевремовиќ, Франо Ласиќ, Јасна Злокиќ, Сеид Мемиќ-Вајта, Јосипа Лисац, Мишо Ковач, Ѓорѓе Балашевиќ, Кемал Монтено, Северина….

Во “Ќироскоп“ со Тереза Кесовија

Ќиро минатата година прослави 61 година долг брак со сопругата Зденка, која нагалено ја ословуваше со прекарот Нена. За неговиот приватен живот малку се знае. Со Нена ретко се појавуваа во јавност, освен на некои концерти или на некои   театарски претстави. Својата приватност итро ја криеше од новинарите кои често знаеја да се расправаат со него. Тој како избувлив не им остануваше должен, па јазикот во разни ситуации му беше подолг од паметот. Но затоа како вистински господин умееше и да им се извинува на новинарите. Со Зденка се венчаа во 1961 година. Се запознале во Риека, каде што и двајцата изнајмиле соба на ист кат. Тој тогаш имаше 27 години, а таа беше матурантка. Зденка му била најголемата поддршка во текот на неговиот живот. Во нивниот среќен брак се родија три деца од кои добија и шест внуци.

-Зденка секогаш беше алергична на медиумите, сметајќи дека тоа е моја работа бидејќи јас сум позната личност. И никогаш, ама никогаш не даде ниту една изјава за нашиот брак, дури ни тогаш кога ѝ нудеа многу пари за тоа. Јас бев воодушевен со тој нејзин став. Многу умно од страната на Зденка. И на тој начин нашата приватност си ја зачувавме само за себе, објасни Ќиро во една пригода.

– Сите ни се чудеа како нашиот брак опстанал шест децении. Ни велеа, дека сме луди или се претворивме во онаа познатата брачна шема на брат и сестра, без љубов и секс. Ништо од тоа. Само толеранцијата и бесконечното разбирање се тајната на долготрајниот брак. Така и кај нас. Да се ​​знае како и кога да се прости, бидејќи сите ние грешиме. Ако нема толеранција, простување, преминување преку некои лоши зборови додека се расправате, тогаш многу брзо ќе го растурите бракот. А, сè е тоа поради голема љубов! Ние за малку ќе се разведовме кога од семејниот сеф ни украдоа многу пари. И еден прстен од жена ми во вредност од 100.000 француски франци, кој јас ѝ го купив во Париз, по освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство во фудбал. Тогаш ми украле и еден пиштол што ми беше подарен од воениот командант Гојко Шушак. Сепак, до развод не дојде, бидејќи и Нена и јас сфативме дека брачната среќа со пари не се купува. Останавме заедно… И навистина останаа заедно, сè до завчера, кога смртта на Ќиро ги раздели. На неговата 88-годишна возраст. Ќиро беше тешко болен од рак на простата.                                                                                                                                   ТTој во едно скорешно интервју открил дека неговата сопруга направила многу за нив кога во младоста се преселиле во Швајцарија. Таму морале да прифатат секакви работи за да преживеат. Ќиро работел во студиото за украсување, а Зденка продавала сезонски салати, од марули до кисели зелки.

И таму и дома во Загреб и низ целата Југославија беше препознатлив по омилената му бела боја. Особено по белиот шал како неизбежен дел од неговиот имиџ!

-Во таа Швајцарија, во која сè е скапо, ние живеевме напорно неколку години. Но мојата Нена остана цело време со мене. Не ни беше лесно, а издржавме зашто имавме огромно разбирање еден за друг.

Со многу саканиот син Мирослав, во прошетка

Инаку, Ќиро многу емотивно беше врзан со своите деца, ќерките Катарина и Барбара, а најмногу со синот. Последен пат, пред неколку месеци, новинарите го видоа во центарот на Загреб  во прошетка со синот Мирослав. Ќиро како грижен татко за цело време му шепотеше на уво и го држеше за рака својот многу сакан син.              (Д.М.) foto>YT,Instagram,FB