Со економскиот раст од 3,4 отсто Македонија ќе го стаса европскиот просек за 50 години

Извештај на ММФ за годинава, но и реакции  Како што се вели по последниот извештај на ММФ, монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав. Од Министерството за финансии повикувајќи се на извештајот велат дека по долготрајната политичка криза, македонската економијата влезе во период на солиден раст и стабилност

51

Економијата влезе во период на солиден раст, кој се очекува годинава да забрза, додека реформите со цел справување со неформалниот сектор, ќе помогнат во подобрување на деловната клима и ќе ги заштитат работниците, а исто така ќе имаат и потенцијално големи придобивки во смисла на приходи. Ова се дел од заклучоците од извештајот на редовната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во земјата.

Од Министерството за финансии, повикувајќи се на извештајот, велат дека по долготрајната политичка криза, македонската економијата влезе во период на солиден раст и стабилност. Се вели дека се очекува растот дополнително да зајакнува во текот на годинава, придвижен од силната домашна побарувачка и солидниот раст на извозот, и покрај забавувањето на меѓународната трговија. Кредитната активност е зголемена, вклучително кредитите наменети за компаниите. Невработеноста, иако и понатаму висока, покажува одржливо намалување, поддржано од значителното креирање нови работни места, се вели во изјавата.

Според ММФ, економскиот раст за годинава е проектиран на 3,4 отсто, што е подобрување на проекцијата за 0,3 процентни поени во однос на пролетната проекција. Пониските даноци и повисоките пензии и плати, вклучително и минималните плати се очекува да бидат дополнителен, иако еднократен, стимул за потрошувачката. Растот на извозот и инвестициите ќе остане солиден, иако ќе забави, што е одраз на слабиот раст кај трговските партнери. Ова забавување би можело да стане поизразено ако се влошат трговските тензии на глобално ниво или доколку се одложат инвестициските планови поради неизвесноста во текот на изборниот период.

Од Фондот ги поздравуваат реформите во насока на сузбивање на сивата економија и посочуваат дека тие се на високо место во владината агенда. ММФ посочува дека неформалната економија е штетна бидејќи формалните бизниси се соочуваат со нелојална конкуренција од оние што не плаќаат даноци или не се усогласени со регулативите, работниците во неформалниот сектор се лишени од работничките права, а јавните ресурси се намалени. Во завршната изјава од оваа мисија, претставниците од ММФ посочуваат дека приоритет треба да биде зајакнување на ефикасноста на управување со приходите како и на правната усогласеност, во комбинација со мерки со кои се зголемува довербата на јавноста во институциите и се јакне даночниот морал.

Реформите за адресирање на клучните институционални и слабостите на пазарот на труд ќе помогнат во подигнување на среднорочниот раст и забрзување на изедначувањето на приходите, се вели во завршната изјава на мисијата.

Како што појаснуваат од Народната банка,извештајот на ММФ потврдува дека монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, ликвиден и добро капитализиран. ММФ бележи дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку понатамошно намалување на основната каматна стапка.

Како клучни фактори што придонесуваат за олабавување на монетарната политика се издвоени ниската инфлација, солидниот раст на депозитите и поволните движења на девизниот пазар. ММФ нагласува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет.

Дополнителната заменик-министерка во Министерството за финансии Гордана Димитриеска Кочоска со спротивна оценка на извештајот на ММФ, укажувајќи дека ова е уште еден неуспех, уште еден нотиран лош извештај.

-ММФ има извештај во кој како главни проблеми се корупцијата, ниските капитални инвестиции и непродуктивните трошоци. ММФ ја ревидира проекцијата за раст на економијата која е пониска од таа на Владата. За жал, ММФ нема многу пофални зборови во оние делови кои на долг рок треба да донесат раст и развој на економијата-реагира Димитриеска Кочоска и дополнува дека со раст од 3,2 проценти Македонија ќе го достигне европскиот просек за најмалку 50 години.