Седењето дома во време на изолација како заштита од коронавирусот за многумина значи коса врзана во коњско опавче или прибрана на тилот со неколку шнолички. Но тоа е голема неправда која ѝ ја нанесуваме на косата за која во друго време даваме цело богатство. Познати фризери ни дадоа неколку совети како косата да биде негувана со работи што ги имаме дома и за кои не треба да одиме во специјализирани продавници.

*Косата изгледа најздраво и убаво кога е добро потстрижена. Златно правило е краевите на косата да се кратат на секои три месеци, па немојте да чекате да се расцутат туку земете ножички и скратете за еден сантиметар.

*Задолжително хидрирајте ја косата со препарати кои сè уште ги имате како резерви(серуми, пакувања, маски, спрејови) или со смеса која сами сте ја направиле. Нанесете на влажна коса, па замотајте ја со пластична кеса преку која сте ставиле крпа и држете 45 минути, потоа исплакнете ја, измијте ја со шампон и нанесете регенератор. Рецептите за маски кои се прават од состојки кои вообичаено ги имаме дома, нема да ви одземат многу време, а жените низ светот потврдуваат дека одлично функционираат.

 

Маска со јаболков оцет

Вратете ѝ го животот на сувата и испукана коса со едноставен домашен лек. Помешајте една лажичка јаболков оцет, две лажички маслиново масло и три белки.

Шампон со јајце

Овој интересен рецепт можеби не звучи примамливо, но оние кои го пробале кажуваат дека е одличен. Измешајте малку шампон со едно јајце, па смесата нанесете ја на мокра коса и истријте ја.

Маска од авокадо

За оваа маска, која важи за една од најпопуларните во светот, потребно ви е само едно зрело авокадо. Едноставно, со виљушка или во блендер добро сомелете го, па нанесете го на косата. Исплакнете по 40 минути.

Плакнење со чај

Ако сакате оштетената коса повторно да го има стариот сјај, измијте ја со чај. По миењето на косата едноставно прелијте ја со свежо сварен и изладен чај. Но, имајте предвид дека чајот може да влијае на бојата на коса, за русокосите е чајот од камилица, а за бринетите, црниот чај.

*Барем еднаш неделно измасирајте ја кожата на главата и коренот на косата со маслиново или бадемово масло. Така ќе го превенирате првутот, на косата ќе ѝ дадете сјај, а кожата на главата ќе биде поздрава и поотпорна на временските услови.

 

*Сушете ја косата со тапкање. Овој совет често се потценува, но неговата примена со сигурност дава одлични резултати. Ако ја истриете со крпа, ќе имате проблем да ја скротите. Можете да ја оставите да се исуши сама од себе, така нема да биде разлетана.

 

* Пред да влезете да се туширате, исчешлајте ја косата. Така ќе ја отстраните нечистотијата што се наоѓа врз неа и ќе ја расплетете. Кога косата е влажна таа е посклона кон кинење. Користете повеќе кратки движења со чешелот наместо да го поминувате целиот прамен со едно движење. Започнете со чешлање од краевите и постепено движете се нагоре.

 

*Мијте ја косата пред бојадисување. Теоријата која вели дека немиената коса подобро ја апсорбира бојата за коса е само мит. Ако косата е мрсна, нејзината боја станува за нијанса потемна. Затоа, пред следното бојадисување, внимателно.

 

* Опаѓањето на косата се случува кај секоко во некој дел од животот, а на тоа влијаат фактори како животниот стил, но и исхраната. За поздрава коса потребно е да внесувате жолти и портокалови овошја, зеленчуците како што е морковот и темнозелените лиснати, црниот дроб, рибиното масло, јајцата, и млеко. Исто така, доколку сте на диета која ветува брзо слабеење сигурно ќе резултира со забрзано опаѓање на косата. (Л.Г.Д.)