Со домашната платежна картичка може да се купува уште три дена

75

Со домашната платежна картичка, наполнета со пари од државата, ќе може да се пазарува уште 3 дена, но тоа е и крајниот рок доколку некој не ја подигнал картичката од банка, тоа да го стори и да отиде на пазарење.

Според податоците од Министерството за финансии, заклучно со 1 август се доделени картички во вредност од 26,7 милиони евра, а од нив, до тој датум, корисниците потрошиле околу 23 милиони евра. Со картичките се реализирани повеќе од 1,7 милиони трансакции. Најголем дел од нив се: во маркети 89 проценти, во ресторани и сендвичарници се потрошени 5 отсто, а во продавници за текстил и облека 3 отсто.

До 1 август се издадени 304.933 картички, но целата листа, заедно со прифатените приговори имаше 333.697 корисници, што значи дека до почетокот на месецов, останале неподелени околу 30.000 картички. Во јавноста имаше многу инсистирања дека е потребно да се продолжи рокот за искористување на картичките, но одговорот беше дека нема правна можност за измена на уредбата во вакуум периодот до конституирањето на новата влада.

Во спроведувањето на оваа мерка учествуваа 9 банки, а од Министерството за финансии објаснуваат дека по 15 август, тие ќе им ги вратат неискористените пари и непреземените картички, по што точно ќе се знае колку пари и картички се поделени.

Според искуствата што се пренесуваа од банките, картичките не беа подигнувани и поради тоа што нивните сопственици се наоѓаат во странство, како и поради тоа што некои немаат ажурирани податоци, па картичките биле испратени во друг град.

По 9.000 денари еднократна помош добија социјалните категории и невработени што се активни баратели на работа и кои остваруваат низок доход, а по 3.000 денари вработени со мали примања (плата до 15.000 денари), како и средношколци со наполнети 16 години и студенти од државните образовни установи, здравствените работници кои тестирале, дијагностицирале или лекувале заболени од ковид-19 добија еднократна финансиска поддршка во висина на 40 отсто од износот на последната пресметана основна нето-плата.